Три кришки леб, порција грав и зелка салата. Ова е најчестиот ручек на студентите во студентскиот дом „Стив Наумов“, кои велат дека во подобрите денови, добиват и по едно парче кременадла или стек. На менито за појадок, пак повторно имаат само три кришки леб, комбинирани со две зденки или паштета од 50 грама. Некогаш тоа е баничка, без јогурт. За вечера, пак, имаат компир на сто и еден начин, и да не заборавме ограничени три кришки леб. Репете нема, па кој е гладен ќе се снаоѓа надвор од студентската менза.
Исхраната во студентските домови речиси никогаш не била на завидно ниво, но од годинава идните академски граѓани се ставени на посебен режим. Ако досега самите одлучуваа што ќе јадат од неколкуте понудени јадења, како и тоа колку парчиња леб или месо ќе земат, сега количината им е ограничена. Разликата е во тоа што досега плаќаа со бонови, вкупно 4.000, (во вредност од 2.000 денари) кои ги добиваа со платената кирија, а од годинава тие се заменети со картичка за исхрана, па појадокот им е вреднуван со 30, ручекот со 63, а вечерата со 40 бона.
Студентите се незадоволни од новиот начин на исхрана.
-Одиш да јадеш, а се враќаш гладен. Кога се плаќаше со бонови, просечно ручекот ме чинеше околу 150 бона, па како е можно сега да се најадам за храна во вредност од 63? Исто така што сега има точно одредено време за доручек, ручек и вечера, па ако ги пропуштиш, мораш да го чекаш следниот оброк, вели студент сместен во домот „Стив Наумов“, потенцирајќи дека состојбата е иста и во останатите студентски домови.
Неговиот цимер појаснува дека кога ќе ги замоли готвачките да му ја наполнат убаво чинијата, бидејќи како што вели, не е половина човек, добива одговор дека се на диета.
Тој додава дека порано барем имале можност да изберат и меѓу неколку јадења, а сега на менито имаат само едно, па ако не јадеш грав, ќе јадеш леб и зелка салата.
На студентите на кои им останале бонови од минатата година ќе можат да ги потрошат до декември, во домската продавница. Потоа останува нејасно дали овие продавници ќе добијат клуч на врата?
Не успеавме да добиеме одговор од Државниот студентски центар за новините во исхраната, бидејќи е викенд, поради што останува нивната страна на приказната да ја чуеме од понеделник.
Досега половина од трошоците за храната на студентите ги покриваше државата, а половина студентите. Но, најверојатно државата решила да го затвори своето ќесе. Во подобра финансиска состојба не се ниту домовите кои со години влечат милонски долгови.
Станарите на овој дом, сместени во новоизградените бараки, реагираат и дека од годинава станарината им поскапела за 200 денари за разлика од лани, односно плаќаат по 3.645 денари.
Валентина Вурмо