студентскиот пленум изрази отворена поддршка за хонорарците кои во понеделник во 12 часот ќе протестираат против законските измени со кои 35 отсто од хонорарите ќе ги наплаќа државата. Соочени со лошите владини мерки, студентите претпоставуваат дека и ним им е загрозена иднината затоа што голем дел од нив ќе работат хонорарно.
„Измените на законот за придонеси на Владата на Република Македонија го засегаат и македонскиот студент (и пошироко, секој оној кој е во некаков работен однос во Македонија). Со менување на законот за придонеси, голем број на студенти ќе бидат на удар и маката на тие студенти коишто работат на договор на дело или добиваат некакви си симболични хонорари ќе се зголеми. Во услови на голема невработеност и тешко доаѓање до работа и хонорар и со оглед на крајно лошата социјална положба на многу студенти, овие измени ќе ги докусурат студентите со дополнителни плаќања кон државата. Затоа, на протест! Студенти сме извесно време, граѓани сме до смртта. На општеството не му го должиме само нашиот студентски ангажман, туку и нашата граѓанска свест. Студентскиот пленум го поддржува протестот против предлог измените на законот за придонеси. Пленумци и пленумки ќе бидат на улиците, како хонорарци, идни хонорарци, како вработени и совесни граѓани“- стои во нивната објава.