СДСМ: Власта нема одговор за нечии американски сметки

by Фокус

И денеска од СДСМ го отворија прашањето зошто власта нема оправдување за индикативното криење и тактизирање со објавувањето на нечии американски сметки.

„На Министерството за финансии вчера му требаа три часа да напише соопштение од три реда. Денес ќе покажеме дека Министерството за финансии и со тоа соопштение ја излажа македонската јавност. Замислете, Министерството за финансии тврди дека Владата на Никола Груевски наводно има покренато иницијатива за размена на податоците со САД и наводно прави подготовки за имплементации и работни групи. Како е тоа возможно кога Македонија не се приклучила кон американскиот договор, ниту дала начелна согласност?“- праша Тихомир Илиевски од партиската Комисија за надворешни работи.

За да покаже дека Министерството за финансии ја замајува јавноста побара одговори од Зоран Ставревски.

„Да потврди или да демантира дека на 31 октомври претставник на Амбасадата на САД на средба во македонското МНР го изразил „незадоволството од фактот дека Република Македонија е последна земја која нема одговорено на побараната поддршка од страна на САД во врска со спроведувањето на Законот за даночна усогласеност на нерезидентни сметки. Дали на истата средба американскиот претставник информирал „дека во повеќе наврати е побарана средба во Министерството за финансии, но засега таква средба се нема одржано?“- рече Илиевски.

На крајот заклучи дека Македонија нема ни одговорено на побараната поддршка од САД што јасно покажува дека Ставревски не сака ни средба по ова прашање, иако официјални преставници на стратешкиот партнер САД реагираат на молкот на власта.

„Уште еднаш, чии сметки кријат Груевски и Ставрески со одлуката Македонија да не се приклучи на американскиот договор со кој државите ги пријавуваат сите сметки на американските државјани на нивната даночна институција?“- заврши Илиевски.

Поврзани новости