Студентите не чекаат избори за домот Гоце Делчев

by Фокус

Студентски пленум за во понеделник го најави настанот „„Ние не чекаме избори…заокружи Гоце“, кој ќе се одржи во паркот зад салата „Форца“ со почеток во 20:00 часот. На настанот ќе има проекција на филмот за студентскиот дома Гоце Делчев со наслов „Зелени ѕидови, црна храна“ на режисерката Сандра Ѓорѓиевска. Потоа, ќе следи дискусија за условите во студентските домови.

-Нè држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Нè држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата, а ние уплашено правиме план и ги поздравуваме. Но, сè додека се плашиме тие ќе газат преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот, пишуваат од Студентскиот пленум и додаваат:

„Слобода е кога на улиците ќе се исфрлат и истресат сите сандаци од мувлосаните тавани, сите постели со влажен памук, кога ќе се истребат сите лебарки, подрумски стаорци и маларични комарци, кога домовите ќе се реновираат, кога студентите ќе се разбудат и ќе прозборат за маките. Ќе чекаме ли жртва за да си ги побараме правата?! НЕ! Ние, студентите, не чекаме избори!“

 

Поврзани новости