„Солидарност“: Наши сојузници се обесправените, а не политичките елити

by Фокус 20:14
20:14

Левичарското движење „Солидарност“ објави демант на веста дека ќе биде дел од новиот македонски национален фронт, заедно со професорот Јове Кекеновски, бизнисменот Трифун Костовски, Демократскиот Сојуз на Павле Трајанов, ДОМ на Лилјана Поповска и други политички субјекти.

-Со неверица ја примивме оваа вест и затоа упатуваме остар демант. Солидарност како еден од носителите на новата политика во Македонија, никогаш нема да биде дел од партиски пазарења и не преговара за формирање на сојузи со политички партии. Солидарност исто така нема да биде дел од никаков сојуз којшто не се заснова на јасни идеолошки вредности, се вели во деманатот.

- Advertisements -

Од левичарското движње велат дека тие ќе продолжат активно да работат  со граѓанките и граѓаните, поддржувајќи го урбаниот отпор и студентските иницијативи, и залагајќи се за хуман третман на бегалците. Додаваат дека стојат заедно со работниците, синдикатите, сиромашните, угнетените и сите оние кои секојдневно се борат за подостоинствен живот.

-Ние се водиме од нашите принципи и нашата платформа и околу нив нема компромис. Притоа, потсетуваме дека природни сојузници на Солидарност не се политичките елити и олигарсите со багаж од минатото, туку осиромашените, обесправените и замолчените граѓанки и граѓани кои се борат за подобра иднина. Нашата политика се гради на улиците, на протестите, во училниците, на граѓанските собири, на маалските дискусии – а не во нечии кабинети, велат од „Солидарност“.

Поврзани новости