Студентскиот пленум денеска преку својата фејсбук-страница им се обрати на лидерите на партиските подмладоци во Македонија. Тие побараа од нив да влијаат врз своите членови, со што на маршот ќе земат учество единствено како студенти, а не како партиски активисти. Исто така, побараа од нив да не се истакнуваат партиски симболи и да не се провоцира, за да не дојде до ексалација на насилство меѓу учесниците на протестот.
– Веруваме дека сте запознаени дека во среда 10.11.2014, со почеток во 12 ч. ќе се случи вториот студентски марш, чија цел е да влијае врз надлежните институции во насока на повлекување на предлог-мерката за воведување на државен испит. Како значаен општествен сегмент, како студенти, идни академски граѓани, сакаме да ја потенцираме нашата интелектуална независност, нашата слободна и критичка мисла која не е диригирана од ниедна популистичка агенда. Нашиот органон се аргументите, кои не ги насочуваме против партиите туку против неправдата. Како што посочивме во неколку наши досегашни излагања, на маршот може да присуствува секој оној кој чувствува граѓанска одговорност кон квалитетот на јавното образование. Меѓутоа, нашите барања ја надминуваат партијата и партиските интереси – тврдат студентите.