МВР ПОТВРДИ ДЕКА ПАСОШИ СЕ ПРАВЕЛЕ, АМА ИЗРАБОТКАТА БИЛА ДИЛЕТАНТСКА?!

by lali

При дигиталната форензика во МВР, на видеото и фотографиите од „тајната фабрика“ за изработка на пасоши, се користеле непостоечки матични броеви и сериски броеви за пасошите, објавија дел од медиумите, повикувајќи се на извори во МВР.

Утврдено било дека фотографиите се изготвени во периодот од 8-ми до 10-ти септември. Фотографиите и видеото биле запишани со телефон Самсунг ГТИ 9515.

Единствениот матичен број кој го прочитала полицијата од доказните материјали бил непостоечки. Исто така се утврдило дека сериските броеви ставани на пасошите не биле соодветни, исто како и бројот на карактери на зоната за читање на патната исправа.

МВР според напишаното, сепак, во ниту еден момент не демантира дека некој некаде произведувал пасоши, напротив за прв пат потврдува дека тоа се правело.

Иако утрината „Фокус“ прв објави дека вештачењето е готово и веќе стигнало до Основното јавно обвинителство, сепак МВР не ги сподели деталите со нас. Неофицијално им се соопштени на некои провладини медиуми.

МВР ГИ ДЕВАЛВИРА ДОКАЗИТЕ

Овие првично пласирани податоци од дигиталната форензика на МВР во најмала рака одново ја попречуваат обвинителската истрага. Ако вештачењето е направено според наредба на Јавното обвинителство, тогаш нивна е обврската да го објават заедно со одлуката што ќе прават понатаму, но МВР наоѓа начин како јавно да ги девалвира доказите, а со тоа и да испрати порака до обвинителите.

Секако, провладините медиуми одново ги користат наводите на МВР да докажат дека не можело пасоши што се правеле во септември, а при тоа, биле правени на аматерски и погрешен начин, да се користат на избори односно да се направат 200 илјади, колку што е разликата во гласови меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, бројка кои самите ја наметнаа во јавноста.

СЛИКИТЕ И ВИДЕОТО СЕ ОД СЕПТЕМВРИ, НО ДАЛИ И ПРЕТХОДНО ТАМУ СЕ ШАНЦАЛЕ ПАСОШИ?

Ако сликите и видеото се направени во септември, тоа не значи дека во работилницата не се правеле пасоши и претходно, па дури и во март и април пред изборите? Од друга страна зарем не е кривично дело ако се прават фалсификувани патни исправи во септември? Ако форензиката на МВР утврдила, како што пишуваат провладините медиуми, дека начинот на изработка на пасошите е дилетантски, тогаш за што се фалсификувале пасоши и каде завршувале? Не смее истрагата да заврши само со констатацијата на МВР дека доказите се од септември, а тоа значи дека пасошите не се користеле за избори. Уште повеќе затоа што се користеле лажни матични и сериски броеви. Зарем тоа не е кривично дело?

ПОСТОЈАТ ЛАЖНИ ПАСОШИ, КОЈ ГИ ПРАВЕЛ?

Како поткрепа на ова, провладините медиуми користат реченици како „МВР утврдило дека лажните пасоши….“, значи ако постојат лажни пасоши, мора да постојат и „производители“ на тие пасоши, просторија за да се изработат и цел за која ќе се искористат. Значи просторот за истрага е отворен.

Но дали терминот „лажен пасош“ е соодветен? Ако форензиката на МВР открила манипулација со сериските броеви, и со карактерите од зоната за читање, тогаш посоодветен е терминот „фалсификувани“ пасоши. А тоа само по себе е кривично дело. Затоа досието со „тајната фабрика“ не смее да заврши со заклучок дека фалсификуваните пасоши не можеле да се корстат на избори, и толку.

И понатаму има многу прашања кои остануваат да лебдат, и на кои најверојатно објаснување ке даде обвинителството кое сега ќе одлучува како ќе постапи.

Поврзани новости