Професорите и студентите денеска заседаваа пред Собранието, сакајќи уште еднаш да им укажат на народните избраници зошто не треба да ги изгласаат новите законски измени во виското образование. Тие едногласно побараа од пратениците да ги отфрлат измените и за тоа да се дискутира во следните три месеци, со вклучување на академската заедница. Студентите ги исвиркаа претседателот Ѓорѓе Иванов и собранискиот спикер Трајко Вељаноски.
Свесни дека, како што тргнале работите, законот ќе помине, професорите побараа од шефот на државата Иванов да го искористи своето право да стави вето на државниот испит, по што следеше исвиркување од присутните со извици дека претседателот одамна го загубил својот кредибилитет.
– Ако претседателот Иванов, кој милува да ги учи младите лидери да донесуваат храбри одлуки, не посегне по правото на вето, ќе го загуби кредибилитетот – рече професорот Владимир Мартиновски, читајќи го барањето кое е доставено до сите пратеници.