Студентите договорија начелна окупација на факултетите

by Fokus

Студентите денеска договорија начелна окупација на факултетите на одржаниот Генерален пленум, кој започна во 17 часот и 30 минути на Архитектонскиот факултет. Идните академски граѓани, за ваквата опција размислуваат веќе подолг период, но како што велат главниот договор секогаш мора да падне на еден од пленумите, каде што се собираат повеќето од нив.

Според нашите извори, окупирањето на факултетите треба да се случи во најскоро време, бидејќи за нив е неприфатлива спогодбата меѓу Универзитетскиот сенат и МОН за средба наредниот вторник. Пленумци се залагаат за отфрлување на новите законски измени во високото образование, кои пред три недели добија зелено светло од пратениците од владејачката гарнитура.

На денешниот Генерален пленум, студентите имаа три предлога: да се оди на работна средба со Министерството за образование и наука и на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, да се „окупираат“ универзитетите или истовремена примена на двата предлога. Сепак, поголемиот дел од студентите начелно се договорија да се „окупираат“ универзитетите.

Студентите на оваа тема размислуваат подолг период. Откако видоа дека власта ги игнорира и покрај масовните протести, тие решија да преземаат порадикални чекори. На оваа тема Анастасија Петревска и Владимир Делов, активисти на Студентскиот пленум зборуваа и во интервју за „Фокус“.

– Сѐ уште сме во фаза на координација. Ако треба ќе биде и порадикално, односно ќе го окупираме Универзитетот. Факт е дека кај нас веднаш почнуваат да се формираат контрапленуми, контраштрајкови. Може да ни ја украдат идејата за да ја уништат или да ја спречат. Поради тоа, не сакаме да откриваме сѐ во детали. Сигурно ќе биде порадикално, бидејќи досега ги истрошивме сите други механизми. Колку и да се масовни протестите, власта ги игнорира – истакна Петревска.

Поврзани новости