Студентите бараат средба со Владата и МОН на академски простор, а може и во студентскиот дом „Гоце Делчев“

by Фокус

Студентите денеска во 14 часот треба да се сретнат со преставници на Владата и Министерството за образование, но се уште не е одредена локацијата каде да се сретнат. Од Студентскиот пленум вчера излегоа и побараа средбата да биде на академски простор и дека тие не отстапуваат од своите барања.

– Посочуваме дека од овој момент па натаму преговорите не треба да се водат во Министерството за образование или Владата. Дебатата за универзитетот мора да се одвива на универзитетот. Студентски Пленум останува на ставот дека апсолутно е потребен целосно нов закон, и дека со целиот свој капацитет ќе учествува во работните групи кои ќе го изготвуваат. Ние не гледаме причина зошто претставник од Владата или Министерството не би покажал доблест да се појави на академско тло. Тоа не мора да биде автономната зона, тоа може да биде било кој факултет, Универзитетската библиотека, може да биде Ректоратот, но пред сé може да е студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој најдобро го одразува нивото на грижа за високото образование – се наведува во соопштението на Пленумот до јавноста.

Од таму посочуваат дека претставници на Студентскиот пленум не може да се заменат со претставник на студентскиот Парламент, затоа што, велат, мандатот на претседателот Кирил Спироски е истечен од октомври 2014 г. и тој, додаваат, не поседува никаков легитимитет да ги брани студентските права.

– Бидејќи ректорот на УКИМ ја свикува средбата на која претставници од Владата и Министерството за образование прифатиле присуство, логично е тие за прв пат да нé посетат. Универзитетските врати се отворени! – потенцираат студентите.

Министерството за образование најави дека утре ќе биде одржана првата средба со претставници од МОН и од УКИМ, на барање на ректорот на универзитетот, а на која ќе биде формирана работна група која ќе учествува во изработката на новиот закон за високо образование. Пленумци велат дека се уште не се информирани во кој термин и каде ќе се одвива средбата.

Поврзани новости