Студентите вечер во 19 часот ќе излезат пред Собранието и симболично со свеќи ќе го погребаат високото образование. Тие ги повикуваат сите граѓани вечерва да им се приклучат, откако денеска пред парламентот се собраа неколку стотици и одржаа собир, барајќи уште еднаш народните избраници да не ги изгласаат новите законски измени во високото образование.
– Ова овде е местото каде што е убиена автономијата на Универзитетот. На секое убиство има местото на злосторството. Го прогласувам Собранието на Република Македонија за место на злосторството. Вечер во 19 часот дојдете сите да го погребаме високото образование – истакнаа од Студентскиот пленум.
На собирот пред Собрание присуствуваа студенти, професори, граѓански активисти, граѓани. Како и секогаш, поддршка на идните академски граѓани им даде и професорот Ѓорѓе Марјановиќ, кој во рацете со транспарент на кој пишуваше „Не“ бараше да не се крши автономијата на Универзитетот.