Градбите од Скопје 2014 се неквалитетни и мислам дека тоа многу брзо ќе се види. За десет години сите ќе се чудиме како ќе изгледаат тие објекти, вели претседателката на Асоцијацијата на архитекти, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, во неделното интервју за Радио Слободна Европа. Таа вели дека дел од архитектите молчат за случувањата во архитектурата, затскриени зад своите комотни позиции,
-Кога партиската припадност или партиската неприпадност е единствен критериум за избор на проектант и за обликување на архитектонски објект, автоматски не можеме да имаме никаков квалитет во архитектурата. Нашето негодување не е од партиска припадност или од партиска неприпадност, единствен мотив за негодувањето е стручноста. Велите дека голем дел од фелата мочни, не сум сигурна дека тоа е баш така. Поголем дел од архитектите говорат гласно за сето ова. Најголем дел од архитектите што молчат мислам дека се архитектите што работат во институциите. Еве на пример Архитектонскиот факултет сè уште официјално како институција се нема огласено со сопствен став за проектот Скопје 2014-та, дел од професорите говорат гласно, но дел од професорите се и директно инволвирани во тој проект, а тие се оние кои создаваат нови кадри, кои воспитуваат млади луѓе. Не знам зошто тоа се случува? Можеби се залегнати во своите ровови на комодитет, можеби се премногу конформисти, можеби се премногу мудри и мислат дека молчењето е злато и на тој начин ги штитат своите институции и своите студенти, на крај за тоа ќе треба да ги прашате нив.
Му недостасува ли на Скопје панорамско тркало? Прашувам од естетски аспект.
-Не му недостасува. Но, некогаш си мислам дека можеби треба да го направат панорамското тркало и треба да го направат споменикот на Мајка Тереза од Субрата Рој и мислам дека тогаш ќе ја доживееме кулминацијата на невкус и дека ќе ни носат студенти по психологија кои ќе доаѓаат тука на пракса, да изучуваат што тоа му се случи на овој народ.