Стружанец преживеа авионска несреќа, ама немаше среќа да го победи судскиот систем!

Македонија памети неколку трагични авионски несреќи, но се чини најголемите две се случија во кобната 1993 година, кога загинаа вкупно 200 луѓе. Еден од вкупно 13-те преживеани, од првата несреќа, и по 32 години вели дека се буди и легнува со трагедијата. Во несреќата го изгубил своето здравје, станал инвалид на 27 години, а сега на 59-годишна возраст сѐ уште се чувствува обесправен, бидејќи не добил соодветно обесштетување.

by valentina 12:37
12:37

Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1550, на 18 јуни 2025 година.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Пред неколку дена се случи најсмртоносната авионска несреќа во изминатата деценија, во која загинаа 229 патници и 12 членови на екипажот, но имаше и уште 30-тина жртви на копно, кои настрадаа при уривање на авионот.

Несреќниот „боинг 787-8 дримлајнер“ се урна по само триесетина секунди од полетувањето во Индија.

Вистинско чудо е 40-годишниот британски државјанин со индиско потекло, Вишваскумар Рамеш, кој е единствениот преживеан. Тој со низа повреди, но, сепак, исправен на нозе, успеал да излезе од распарчениот авион. За жал, животот на неговиот брат, но и на уште стотина други, тука се прекина.

Помладите можеби не се сеќаваат, но во 1993 година и Македонија беше потресена од две слични авионски несреќи, едната во Скопје, а другата во Охрид. Во онаа во главниот град преживеаја само 13 патници, а во охридската ниту еден.

ДУРИ 84 ЗАГИНАТИ, А 13 ПРЕЖИВЕАНИ

Големата трагедија на скопскиот аеродром, во која загинаа 84 патници, се случи на 5 март 1993 година, во 12 часот. Новиот авион „фокер 100“, летало на компанијата „Палер Македонија“, кој немал повеќе од 30 летови, односно бил употребуван само еден месец, се подготвувал точно напладне да полета за Цирих, откако во 9.40 минути пристигнал на скопскиот аеродром, по завршен лет од Франкфурт. Кобниот ден бил студен и магловит, со температури под нулата и со наврнат слаб снег. Но, и покрај зимските временски услови, аеродромот нормално функционирал.

Патниците, од кои повеќето странци, од Косово и од Србија, а имало и германски полицајци, кои еден ден претходно донеле притвореник,

се качиле во авионот, а по само неколку секунди по одвојувањето од тлото, „фокерот“ почнал силно да вибрира. Набргу, наместо во воздух, со крајот на десното крило удрил на земја, на 382 метри оддалеченост од пистата. Крилото се одвоило, по што резервоарот експлодирал, а трупот се скршил на три дела. Како причина за несреќата се наведува замрзнувањето на крилата, предизвикано од кондензацијата што се создала при дополнувањето на горивото.

Тогаш настанал вистински ужас и паника. Авионот почнал да гори, а повеќето патници веќе биле мртви.

Сведок на ужасот бил и 59-годишниот Ислам Дика од Струга, кој тогаш имал само 27 години.

Тој за „Фокус“ се присетува на несреќата до која дошло за само шест секунди од полетувањето, но и за неправдата што ја чувствува повеќе од три децении. Како што вели, имал среќа да преживее, но и не да му се врати на стариот начин на живот.

Нашиот соговорник вели дека не се сеќава кој го извлекол надвор од авионот, бидејќи бил во бессознание.

– Се сеќавам само дека имаше врескање и удар. По шест дена се разбудив во Воената болница во Скопје, каде што бев примен во кома со тешки телесни повреди, се присетува Дика, кој живее во струшкото село Ливада.

Неговата тешка здравствена состојба ја потврдува и лекарската документација, според која имал изгореници на лицето, вратот, двете раце, скршеници на двете клучни коски на вратот, потрес на мозокот, за што лекарите посочиле дека станува збор за тешки телесни повреди.

Покрај физичките повреди, стружанецот вели дека значително било нарушено и неговото ментално здравје.

20 ГОДИНИ БАРАЛ ОБЕСШТЕТУВАЊЕ НИЗ СУДСКИТЕ ЛАВИРИНТИ

На денот на трагедијата, Дика, како и другите патници, требало да пристигне во Цирих. Како млад човек на 27 години, таму работел како келнер и помошник во кујна, за што поседувал и работна виза. А дома ја оставил сопругата и своето осуммесечно бебе.

Но, наместо на печалба, од тој ден, животот на Дика му се менува вртоглаво. Поради тешките повреди не можел повеќе да работи, а надоместокот за изгубеното здравје и претрпената траума со години го барал на суд.

Тука почнува неговата голгота, бидејќи вели дека сите пари што претходно ги заработил, ги потрошил за судски трошоци и адвокати. Од млад човек, кој заработувал одлично, станал инвалид, кој повеќе не можел да се грижи за своето семејство.

Тој и по 30 години од несреќата не го добил бараното обесштетување, иако потрошил повеќе од 20 години низ судските лавиринти.

Поранешен вработен во „Палер“, кој работел на обесштетувањето на патниците се присетува дека за 1,5 година од несреќата биле завршени сите обесштетувања, но не успеале да се договорат со Дика. Нашиот соговорник објаснува дека му нуделе и трипати повеќе од максимумот од 70.000 марки, кој тогаш бил исплатен, но оштетениот не се согласил. Тој барал надомест за изгубената заработувачка или просечно по околу 3.500 швајцарски франци месечно, колку што дотогаш заработувал, надомест за медицинските трошоци и менталното страдање, а барал и доживотна пензија од 3.337 швајцарски франци поради неговиот траен инвалидитет.

Откако преговорите не успеале, во 1995 година почнува судското патешествие на Дика. Тој пред македонските судови ја тужел фирмата „Фоксер“ од Холандија, производител на авионот и „Палер Македонија“, која стопанисувала со воздухопловството. Спорот траел повеќе од единаесет години, имало над 30 судски рочишта, од кои повеќето се одложувале. На крајот, како што вели Дика, добил околу 5.000 евра отштета, пресуда која била потврдена и од Апелациониот, но и од Врховниот суд. Односно, во 2003 година судот делумно го усвоил тужбеното барање. Следната година, Апелација ја потврдила првостепената пресуда, а во 2006 година, Врховниот суд ја одбил поднесената ревизија од страна на жалителот.

– Рочиштата постојано се одложуваа и тоа траеше со години. Затоа поднесов жалба против државата во Судот за човекови права во Стразбур. Бев присилен да ја тужам државата, бидејќи судот цело време ги штитеше оние што јас ги тужев, појаснува нашиот соговорник.

Тој, во европскиот суд се жалел поради судењето во неразумен рок, а по шест години, тоа го потврдил и судот со пресудата донесена во 2007 година.

Европскиот суд пресудил во полза на оштетениот стружанец, но не му досудиле штета, бидејќи како што се наведува во пресудата, тој не побарал обесштетување за должината на судската постапка, за што и ја поднел жалбата пред овој суд.

ДИКА: СУДСТВОТО Е КОРУМПИРАНО!

Незадоволен од „правдата“ што ја добил, во 2008 година, Дика поведува нов судски спор, но пред Основниот суд во Струга, каде што ја тужи осигурителната компанија „Лојд“, од Лондон, Велика Британија. Од нив бара да му исплаќаат месечна инвалидска пензија. Но, и тука процедурата наеднаш замрзнува. Со години патуваат доставите до лондонската фирма, со посредство на Министерството за правда. По многу години натегање, во 2016 година судот ја отфрла неговата тужба како недозволена.

Дика обвинува дека поради мафијашкото и корумпирано судство, останал без обесштетување.

– Осигурителната компанија беше подготвена да си плати, но корумпираниот суд не дозволи. На рочиштата доаѓаше адвокат без полномошно, а судот ми дозволуваше да присуствува и ги земаше предвид неговите зборови, обвинува стружанецот Дика.

Тој раскажува дека сѐ уште има трауми од кобната несреќа.

– На авион од тогаш не сум се качил, а ниту имам намера да се качам повторно, вели нашиот соговорник.

Тој додава дека несреќата не можела да се спречи, но барем системот можел да му ги спречи малтретирањата низ кои поминал до сега.

– Младоста ми помина по болници и судови. Знам дека не можеше да се спречи несреќата, но можеа барем да ме обесштетат како човек, заклучува Дика.

Засега не е познато колкаво обесштетување ќе добие единствениот преживеан во авионската несреќа во Индија. Од индиската авиокомпанија уште истиот ден посочија дека ќе понудат по 100.000 евра на семејствата на загинатите.

Ваквите несреќи, сепак, покажуваат дека и човечкиот живот има „цена“ и е проценет дека најмногу вреди 143.000 евра. Барем ова е највисоката отштета што може да ја добие семејство чиј близок загинал во авионска несреќа или ја преживеал со тешки повреди и трауми. Оваа сума е утврдена со одлука на конвенцијата во Монтреал од 1999 година, кога е одлучен максимален износ на отштета.

До 1999 година, пак, животот бил уште помалку вреднуван, и тоа 48.000 марки, според Варшавската конвенција.

Сепак, очигледно е дека животот не може да се измери на кантар, па затоа многумина не се согласуваат со овие пресметки и правдата ја бараат на суд.

ОХРИДСКАТА НЕСРЕЌА ОДЗЕДЕ ДУРИ 116 ЖИВОТИ

Петти март 1993 година за десетина македонски семејства останува како потсетник за една голема трагедија. Постарите новинарски записи сведочат дека кога се случила несреќата, први на помош притрчале неколкумина вработени од аеродромот. Тие од леталото почнале да ги вадат оние патници што покажувале знаци на живот, а по извесно време пристигнала помош од војската на АРМ, а потоа и од аеродромските служби, итната помош и од противпожарната бригада. Повредените, со хеликоптери на УНПРОФОР, пак, експресно биле транспортирани до болниците во Скопје.

Најголемата среќа, пак, ја имал еден од стјуардите, кој неповреден, самиот излегол од авионот, но затоа ја имал и несреќата да го види ужасот што им се случил на настраданите патници. Тогаш медиумите пишуваа дека тој седел во задниот дел од авионот.

Среќа, пак, воопшто да не се качи на овој лет имаше и поранешниот министер Александар Димитров, кој кобниот ден требало да одлета за Цирих. Тој бил подготвен за пат, но, за негова среќа, не му била одобрена виза, па така морало да остане во Македонија.

Еден од преживеаните патници, пак, имал среќа, но таа не траела долго. Тој го преживеал овој стравотен пад, но по само осум месеци загинал во авионската несреќа што се случи на охридскиот аеродром.

Истата година, 1993 година, на 22 ноември, патничкиот авион „јак-42Д“ на „Авиоимпекс“ се урна и однесе во смрт 115 луѓе, а само еден преживеа, но подоцна и тој почина во болница.

Авионот беше на рута од Женева до Скопје, каде што требаше да слета. Меѓутоа поради лошите временски услови, авионот беше пренасочен кон охридскиот аеродром на принудно слетување. Се урна во близина на селото Тројани, или на околу 4 километри од пистата.

Во тој период, тогашниот министер за сообраќај, Антонио Пешев поднесе неотповиклива оставка од морални причини.

Неговиот чин, ретко кој од политичарите го повтори, иако на Македонија, за жал, ѝ се случија уште неколку катастрофални несреќи.

АВИОНСКИТЕ НЕСРЕЌИ НА МАКЕДОНСКОТО НЕБО

Во релативно кратката историја на цивилното воздухопловство во земјава, бројот на несреќи не е мал. За голем број од овие катастрофи причините не се докрај расветлени, а по нив останале и многу неодговорени прашања.

Првата авионска несреќа во Македонија од цивилен карактер, според хроничарите на македонското воздухопловство, се случила на 22 октомври 1951 година. Авионот на ЈАТ, „douglas C-47А-20-DК“, кој полетал од Белград, се урнал на аеродромот во Скопје. Загинале 12 луѓе.

На 22 септември 1975 година, авион од типот „антонов 2R“ на операторот ЗУА (Zakladu Uslug Agrolotniczych) при слетување на скопскиот аеродром се судрил со „антонов“, исто така од ЗУА.

На 24 јули 1992 година, карго-авион „антонов 12 BK“ на Волга – Днепар ерлајнс се урна на 26 километри југоисточно од Скопје, за време на приоѓање кон аеродромот. Авионот удри во планина близу селото Лисец. Во оваа несреќа, животот го загубија осум лица, додека пилотот се обидувал да заобиколи бура.

На 5 март 1993 година, на полетување се урна патничкиот авион „фокер“, во кој загинаа 84 патници.

На 22 ноември, истата година, кај охридскиот аеродром се случи и втората воздухопловна несреќа. Патничкиот авион „јак-42Д“ се урна и однесе во смрт 116 луѓе.

На 18 септември 1995 година, авион „антонов 2R“, кој беше ангажиран во гаснење пожари, се урна во близина на Скопје. Загинаа два члена на екипажот.

На 17 март 2001 година, во текот на воениот конфликт во Македонија, воен хеликоптер „МИ-17“ удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загинаа пилотот и инженерот, а десетина војници беа повредени.

Во авионска несреќа надвор од Македонија, на 26 февруари 2004 година, во близина на Мостар загинаа македонскиот претседателот Борис Трајковски, шест негови соработници и двајцата пилоти на владиниот „кингер“.

На 12 јануари 2008 година, хеликоптер „МИ-17“ на АРМ се урна кај месноста катлановско Блаце. Притоа загинаа 11 мировници на АРМ, кои се враќаа од мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина. Хеликоптерот се урна на само десетина километри од скопскиот аеродром.

На 28 август 2008 година, авион од типот „цесна“ се урна во месноста Скребатно кај с. Лескоец, во близина на Охрид. Во несреќата, животот го загубија пилотот и тројца патници во авионот. За среќа, избегната е поголема катастрофа бидејќи авионот удри во автомобил „фиќо“, во кој во моментот се наоѓаше мало девојче.

Последниот црн настан во македонската воздухопловна историја е катастрофата на полицискиот хеликоптер „МИ-17“ кај Струмица, кој се случи на 10 јули 2014 година и во која животите ги загубија четворица врвни пилоти на МВР. Според очевидци, хеликоптерот удрил во 120-метарски столб на Македонска радиодифузија, потоа паднал на земја и експлодирал.

Две години подоцна, кај селото Кожле, на 6 септември, се урна мал авион со 6 патници. Приватниот комерцијален авион полетал од Италија, а требаше да слета во Приштина.

Во 2019 година, пак, се случи авионска несреќа и кај Солунска глава. Се урна мал авион, кој летал од Охрид до Софија. Загина четиричлено семејство од Бугарија.

ИМА ЛИ СРЕЌНО СЕДИШТЕ?

Случајот со патникот од авиокомпанијата „Ејр Индија“, кој е единствениот преживеан во авионската несреќа во која загинаа 241 лице, ја отвори дебатата дали токму неговото седиште 11A е најбезбедното во авионот.

Експертите за авијација велат дека тоа не може да се утврди бидејќи авионите многу се разликуваат по конфигурацијата на седиштата, а секоја несреќа е специфична сама по себе. Преживувањето често зависи од повеќе фактори.

Случајност или не, на седиштето со истиот број, 11 А, или во предниот дел на авионот, седел и тајландскиот пејач Руангсак Лојчусак, кој преживеал авионска несреќа во 1998 година, во која загинаа 101 патник, а 45 преживеаја. Тој бил на летот „TG261“ на Тај ервејс од Бангкок до Сурат Тани, кога авионот ја изгубил контролата и се урнал во мочуриште додека се обидувал да слета.

Сепак, нема правила. Истражување од 2007 година покажува дека патниците што седат поблиску до задниот дел на авионот имаат поголеми шанси да преживеат.

Некои експерти, пак, сметаат дека делот околу крилата на авионот е најстабилен. Токму на такво седиште седел и стружанецот Дика. Вели дека не се сеќава на точниот број на седиштето, но добро памети дека седел покрај крилата.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични вести