Повеќето струшки основни училишта денеска останале без струја поради неисплатени долгови. Раководителот на одделението за образование во Општина Струга, Сурија Рушити информираше дека од системот за напојување се исклучени основните училишта „Јосип броз Тито“ и „Браќа Миладиновци“ во Струга, и нивните подрачни паралелки во населените места, како и училиштата во селата Лабуништа, Ливадишта и Радолишта.
– На овие училишта им се блокирани жиро-сметките, поради што не се во можност да ја платат потрошената електрична енергија. Ние како општина, направивме напори да разговараме со претставниците на ЕВН-Македонија за плаќање на една рата, а потоа да се направи спецификација на долговите и од јануари општината да започне да ги сервисира на рати, но не добивме позитивен одговор – истакна Рушити.