Обвиентите во „Ровер“: Тешко на тој што ќе му судат со заштитен сведок!

by fokus 18:00
18:00

Покрај денешното последно обраќање на Љубе Бошкоски пред судот, во случајот „Ровер“, бидејќи во среда ќе биде донесена пресудата, на денешното рочиште својот завршен збор го дадоа и обвинетите инспектори Зоран Трајковски и Гоце Митровски.

Инспекторот по крвни деликти Митровски истакна дека не очекувал дека по 15 години успешна работа и признанија, ќе заврши во ваков случај. Тој според обвинителството се терети дека заедно со Орце Коруновски, наводниот нарачател на убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев, на денот на убиството се возеле низ Скопје и ги прикривале трагите од убиството.

- Advertising -

-Веќе 28 месеци сум во притвор и се уште не ми е јасно зошто сум дел од овој процес. Најмногу од се ме мачи е што ме гонат за нешто против кое сум се борел целиот живот. Сум откривал и сум бил наградуван за решени убиства, а сега мене ме вметнаа во измислена приказна со заштитен сведок, рече обвинетиот Митровски.

Тој додаде дека имал чиста совест и никого не носел на душа.

-Болно е кога одам со лисици на рацете како криминалец. Направена ми е голема неправда и не ми е јасно зошто некој сака да протурка вакво обвинение. Тешко на тој што ќе му судат со заштитен сведок. Наместо да ни судат, треба да се направи ревизија на случајот и на тоа како е дојдено до овој сведок, рече поранешниот инспектор.

Митровски ги запраша присутните дали занеле како се чувствувал?

-Како изгледам во очите на семејствата на убиените? Можете ли да замислите како се чувствуваме и колку страдаме. Некој си игра со нашите човечки судбини. Ние ќе страдаме и ќе умираме, а најверојатно заштитениот сведок ФФ 15 е најсреќен, бидејќи по се изгледа само тој е во добивка, заклучи Митревски, кој додаде дека е сигурен дека ќе ја дочека правдата, но прашањето било колку до тогаш животот ќе му биде уништен.

И неговиот поранешен колега, Зоран Трајковски, кој за време на ликвидацијата на Тушевски и Јанев, бил и шеф на обезбедувањето на тогашниот министер за внатрешни работи Бошкоски, истакна дека не очекува нито друго туку ослободителна пресуда.

-Самото обвинение го сметам за скандалозно, како и фактот дека е изградено врз изјави на двајца сведоци, од кои едниот е заштитен, а другиот познат како професионален сведок, односно сведочи каде што ќе затреба. Вториот сведок е чест гостин во притворите и затворите, каде што и сега се наоѓа. Овој сведок, откако изврши тешко дело обид за убиство, за што му се закануваше казна од најмалку 10 години, се пријави во обвинителството за да посведочи. Потоа неговото дело беше преформулирано, од обид за убиство во тепачка, истакна Трајковски.

Тој исто така реагираше и на предолгиот притвор, потенцирајќи дека иако таму е веќе 26 месеци, судот му смета само 14, за што предупреди дека некој ќе одговара.

-Околу случајот „Ровер“ постои невидлива сила која спротивно на сите факти го турка во длабока политизација, оцени Трајковски, кој според обвинителството се гони бидејќи наводно не дозволил да се изврши увид на местото на убиството и за истото да се изготви службена белешка. Затоа во својот завршен збор ги цитираше и изјавите на сведоците, исто така вработени во МВР, а според кои се докажува дека тој ниту им наредил да не вршат увид на местото на убиството, ниту пак имал таква надлежност.

-Нема и не можам да го прифатам изговорот дека морало да се изрече пресуда само затоа што тоа било нечија волја. Каков и да е притисокот и од каде и да доаѓа, вие имате избор. Доста е од полициски хајки и  прогони. Ми го упропастивте животот и ми ја зедовте среќата и слободата, а им го уништивте здравјето на моите најблиски. Ве замолувам, бидејќи се исполнети сите услови, да досудите ослободителна пресуда. Си го барам она што ми го должите, истакна Трајковски.

 

 

 

Поврзани новости