Фотографија на која три кози стојат качени на кровот на нервното одделение во Струмица, која вчера ја објави струмички портал, стана хит кој се споделува на социјалните мрежи.
Фотографијата предизвика лавина од шеговити коментари во јавноста, но затоа пак, најверојатно ги налути надлежните во струмичката болница.
Од таму реагираат со демант за настанот, односно појаснување дека кози на кровот имало, но тоа се случило пред повеќе од пет години. Од болницата излегоа дури и со барање до струмичкиот портал да ја повлече објавата, и покрај тоа што во истата не е наведено кога се случил настанот, кој колку и да е неверојатен, сепак се случил.
-ЈЗУ Општа болница Струмица сака да ја извести Струмичката јавност во врска со денешните објави на порталот Струмица Денес дека сликите кои се објавени се невистина и слики кои се постари повеќе од 5 години и истите неколку пати се објавувани како вест во изминатиот период.
Бараме од страна на порталот овој Демант да биде објавен на нивниот портал и објавата да биде повлечена- информираат од болницата.
Нема прецизно појаснување од надлежните што точно сакале да кажат со зборовите дека сликите се невистина, а сепак се направени пред пет години.
По повод настанот, активисти кои се залагаат за заштита на животните, реагираа и бараа информации дали козите безбедно се симнале на земја, но и прашуваа како е можно самите да се качат на кров.
Струмичкиот портал не го објави наводниот демант, со кој очигледно и надлежните не знаат што демантираат. Но, затоа пак објави уште фотографии кои им ги доставиле читатели, а на кои се гледа не само козите, туку и деца се качуваат на кровот на нервното одделение и таму седат во вечерните часови. Апелираа итно да се преземат безбедносни мерки, бидејќи може да дојде до несакани последици.
Вики Клинчарова