Граѓани не можат да си извадат пари од банка, НП бара Владата итно да го реши проблемот со личните карти

by fokus

Народниот правобранител бара Владата под итно, заедно со деловните банки да најде времено решение и да им се реши проблемот на граѓаните кои поради неможност навремено да ги обноват личните документи, особено личните карти бидејќи нема соодветен термин за вадење на документите, не можат да си подигнат пари од банка (пензии, плати и други личните примања ), и да си ги платат сметките.

-Недозволиво е слабостите во системот за издавање на лични документи во Министерството за внатрешни работи , за што Народниот правобранител еднаш веќе реагираше, да се прекршуваат врз грбот на граѓаните и неправдано да им создаваат дополнителни проблеми, посебно што во принцип станува збор за категорија на граѓани кои спаѓаат во групата на постари лица кои не ги користат дигиталните, туку оние традиционалните банкарски услуги, односно пензиите и платите, ги подигнуваат непосредно од шалтерите на банките. Конкретно овие граѓани, не по нивна вина се ставени во незавидна позиција, од една страна, да останат без основни средства за живот, а од друга страна, заради неможноста да си ги подмират долговите кон јавните претпријатија и другите даватели на услуги ( струја, вода телефон ) да стравуваат дека истите ќе им бидат ускратени, се вели во реакцијата на Народниот правобранител.

Оттаму потсетуваат дека оваа есен претстои одржување на пописот како и на локалните избори- операции за чие спроведување на граѓаните им требат важечки лични документи, па апелира надлежните институции да изнајдат начин за надминување на овој проблем.

Последните месеци тешко се доаѓа до термин за вадење на лични документи, се прави гужва на шалтерите пред Пасошкото одделение, а системот за вадење на лични документи на два пати по неколку дена беше во прекин. Министерството за внатрешни работи тврди дека навалата за документи е поради пандемијата, период кога на граѓаните им истекле личните документи, а не ги обновиле. Од таму тврдат дека обрасци за лични документи има.

Од Владата за Фокус уверуваат дека секој граѓанин кој има потреба ќе добие лична карта или пасош. – Министерството за внатрешни работи постојано и редовно им издава лични документи на граѓаните. Има доволно патни исправи и лични карти и секој граѓанин кој има потреба ќе добие пасош или лична карта, велат од Влада.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости