Протест против отворање на рудник во Иловица на кој ќе биде побарано одземање на споената концесија за рудникот,најавија за денеска во 11 часот еколошките здруженија Здрава Котлина – Струмица и Еко Долина – Ново Село.
Присуство на протестот најави и министерката за животна средина Каја Шукова, која изјави дека е против отворање на нови рудници.
Концесионерот „Еуромакс рисурсис“, пак, оцени дека со изјавата на министерката се прејудицира дека таа може да одлучува субјективно и пристрасно кога, како што најавија, „ќе достават дополнување на Елаборатот за влијание врз животната средина до Министерството за животна средина и просторно планирање која ќе ги демантира сите манипулации за наводната штетност на рудникот по здравјето и животната средина“.
-Рудникот на смртта Иловица-Штука е зло кое мора да биде запрено и тука сите сме на јасно освен оние што имаат намера да профитираат врз маката на сите жители во југоисточна Македонија, се вели во повикот од „Здрава котлина“ и Еко долина.
– Заради заштита на јавниот интерес, здравјето на луѓето и животната средина, бараме: Итно и неодложно одземање на криминално споената концесија за рудникот Иловица-Штука, поради прекршување на Законот за минерални суровини во однос на условите за добивање концесија и за спојување на концесии.
Разрешување на претседателите на Управен суд и на Виш управен суд, поради тендециозна погрешна примена на законите и постапките, како и поради носење дијаметрално различни пресуди во зависност од моментот.
Одговорност од сите одговорни лица од Владата и од надлежните министерства што биле вклучени во овој нелегален процес на спојување на концесиите.
Државната комисија за спречување корупција да поведе постапка за испитување на делувањата и релациите помеѓу сите вклучени одговорни лица, од аспект на тргување со моќ и политичко влијание, инсајдерско тргување, злоупотреба на службена положба и овластување, како и здружување и заговор помеѓу политичко-економски структури со извршната и со судската власт за потенцијално огромно оштетување на буџетот на државата, наведоа во соопштение организаторите.
Министерство за економија на 5 јули соопшти дека Владата нема да дозволи отворање рудник во Иловица без претходна консултација и одобрение од локалното население.
Потенцираа дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.
-Основ за донесување на оваа одлука е Пресудата на Управниот суд од 30 март 2023 година, со која се уважува тужбеното барање на тужителот ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје и оспорената Одлука на Владата на Република Северна Македонија за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина- руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово, донесена на 16 декември 2019 година, соопштија од Министерството.