Музичарот Васил Гарванлиев од Струмица, кој беше нашиот евровизиски претставник минатата година, и оваа година ќе не претставува на популарната музичка манифестација.
Лани поради пандемијата со корона вирус настанот се одржа вирутелно и не беше од натпреварувачки карактер, а Гарванлиев се претстави со песната ,,You”.
Од МРТ за ,,Фокус” ја потврдија одлуката Гарванлиев да остане претставник на Македонија и за 2021 година, а ќе се избира нова песна со која ќе земе учество.
Додаваат дека Македонската Радио Телевизија пристапува кон избор на нова песна за Васил Гарванлиев и ги повикува сите заинтересирани страни да ги понудат своите музички проекти на следната е-маил адреса: eurosong.macedonia@gmail.com, најдоцна до 27-ти јануари 2021 година.
Демо снимката со максимално времетраење до 3 минути, според евровизиските пропозиции, треба да е квалитетно изработена, со разбирлива вокална и хармонска линија, информираат од таму.
-Според јасно утврдените правила од страна на ЕБУ кои ги обврзуваат националните радиодифузери да селектираат нова песна за Евровизија 2021, а самите да донесат одлука дали минатогодишниот претставник ќе остане истиот и годинава, Македонската Радио Телевизија одлучи задачата да ја претстави Северна Македонија на Евровизија 2021, да остане во рацете на Васил Гарванлиев.
Бројот на земји учеснички за Евровизија 2021 е идентичен како и за претходната, која за жал не се одржа од причини добро познати за сите нас, предизвикани од светската пандемија со новиот корона вирус и беше заменета со алтернативно музичко шоу.
Четириесет и една земја веќе се подготвуваат за Евровизија 2021, за која се предвидени две полуфинални и една финална вечер, закажани за 18-ти, 20-ти и 22-ри мај во арената Ахој, во Ротердам, а повеќе од дваесет земји ги потврдија истите учесници селектирани од минатата година – појаснуваат од МРТ.
Поради пандемијата со корона вирусот ЕБУ подготвила четири можни сценарија за одржување на натпреварот и се уште е неизвесно дали ќе се одржи со посебни протоколи и лимитиран број на публика, односно дали делегациите ќе патуваат. Сите земји учеснички имале обврска да обезбедат снимка од својот претставник.
-Ретко кој добива една, а не три шанси да го реализира својот сон! Во 2019 година застанав гордо зад Тамара, 2020 година ја посветив на сите вас, но Ковид рече – Не! Во 2021 ја користам мојата животна приказна за да ви го подарам срцето на дланка преку мојот глас, порача Васил, јавно заблагодарувајќи се на МРТВ затоа што верува во него и му ја дава одговорноста и можноста да биде наш претставник во Ротердам.
Вики Клинчарова