Грижата за психичкото здравје е исто толку важно како и грижата за физичкото здравје во услови на пандемија со корона вирус, истакнаа психологот Иво Куновски и Маријана Станковиќ, специјалист по медицинска психологија и когнитивно бихевиорален консултант, кои се дел од тимот на Клиниката за психијатрија и работат на линиите за прва психолошка помош.
Во рамки на денешната видеосесија посветена на Ковид 19 во организација на владата, тие истакнааа дека вознемиреноста и напнатоста се разбирливи од стравот од непознатото. Според нив, одговорот на оваа ситуација може да биде дневна доза за оптимизам, разговори, а воедно препорачуваат да се користат интернетот и другите медиумски извори каде што меѓу другото можат да се најдат и одредени едукативни содржини.
Инаку, стручните лица од Клиниката за психијатрија кои работат на поддршката на граѓаните потенцираат дека физичката изолација не треба да се идентификува со социјалното дистанцирање. Тие посочуваат дека и во оваа ситуација треба да се пронајдат креативни и практични решенија за дружење и за лесни физички активности во моментите кога воведените мерки го дозволуваат тоа.
Во текот на информативната видеосесија беше нагласено дека од оваа ситуација треба да се изведат позитивните придобивки како што е поголемото квалитетно време меѓу членовите на семејствата, кои треба да го искористат за меѓусебна поддршка и охрабрување.
За време на видеосесијата во врска со Ковид 19 беа посочени телефонските броеви и другите канали за комуникација за психолошка поддршка, што Министерството за здравство во соработка со Клиниката за психијатрија ги отворија за бесплатна психолошка помош и тоа за различни структури и групи на граѓани.