На барање на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, денеска беше извршен увид во Државниот Архив. Во увидот учествуваа и секретарот на Јавното обвинителство, Митко Митревски и заменик директорот на Државен Архив, Музафер Бислими со својот стручен тим.
Комисијата, предводена од министерката Зорица Апостолска констатираше дека дел од архивскиот материјал од прва категорија, од најголемо национално и историско значење, освен во просториите на новото, се наоѓа и во старото депо.
За време на увидот е констатирано дека во новата зграда на архивот архивскиот материјал не е оштетен од неодамнешните поплавувања на објектот, ниту пак директно е загрозен и дека е целосно заштитен во непропустливи метални сефови.
Дополнително од увидот е заклучено дека има потреба да се направи дополнителна проценка на состојбата на микрофилмуваниот архивски материјал, со цел да се утврди дали има потреба од негово преместување во старото депо.
Со увидот е констатирано дека е потребна итна санација на покривот на зградата, со што ќе се спречат понатамошни поплавувања на објектот.
Владата на Република Македонија го повтори ставот дека наскоро ќе се донесе конечна одлука во насока на трајно решение околу наследената ситуација со зградата на архивот и нејзината комплетна нефункционалност.