Поради наглото влошување на состојбата на 24-годишниот Симеон Т. од село Цапари кој пред неколку дена за кратко време почина во битолската болница, од ДСЗИ сметаат дека е потребно формирање на стручна комисија, информираше денеска Министерството за здравство.
Оттаму појаснија дека „Формирана е стручна комисија која ќе оди на терен и ќе го испита лекувањето на 24-годишниот пациент“.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити денеска рече дека комисијата во најкус рок ќе се формира и стручно истражи случајот и ќе треба да утврди дали имало и какви биле недостатоците во третманот на пациентот.
Од битолската болница рекоа дека причината за смртта на момчето, според резултатите добиени од обдукцијата, се дисеминирана интраваскуларна коагулација (ДИК) односно внатрешно крварење на повеќе органи и дека не се работи за лекарска грешка.
Од таму посочија дека момчето во вторникот се јавило на болница со висока температура и му била дадена терапија, по што било пуштено дома. Но, ноќта помеѓу вторникот и средата повторно состојбата му се влошила и утрото било пак примено в болница со висока температура и трески.
Попладнето (минатата среда) пациентот починал во 18 часот по повеќечасовна битка да се спаси.
„Наодот од обдукацијата покажа дека причината за смртта на пациентот е дисеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа значи брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно стварање тромбози и микротромбози кај сите органи. Сето ова е предизвикано од тежок инфект. Обдукцијата покажа дека нема лекарска грешка“, соопштија тогаш од болницата.