Судот за човекови права во Стразбур најверојатно во пакет ќе одлучува за три предмети од Македонија. Големите случаи, „Пајажина“, „Пепел“ и „Фаланга“ го поминале првиот филтер на судот и предадени се на македонските власти на одговор.
Според процедурата, Владата има рок до почетокот на наредната година да даде образложение и да го оправда долгиот притвор на обвинетите. Потоа ќе следува второто аргументирање на судот од Стразбур, по што македонската страна ќе мора и втор пат да се изјасни околу предметите и да ги правда постапките на судиите.
Стразбур за почеток утврдил дека сите три предмети се однесуваат на должината на мерката притвор. Адвокатот на Владата пред тамошниот суд Коста Богданов за „Фокус“ потврди дека наеднаш стигнале трите досиеја за кои Владата ќе мора да се произнесе, пред се околу притворот и неговата оправданост.
Имено, Велија Рамковски и ќерка му Емел од предметот „Пајажина“, тобако-босот Бајруш Сејдиу од “Пепел“ и некои осудени од процесот „Фаланга“ поднесоа тужби. Сите останале по речиси две години зад решетки, иако судските власти немале посериозни аргументи при одредувањето на мерката. Токму такви наводи користат адвокатите во поднесените тужби.
Се уште е рано да се прогнозира пресудата од Стразбур, затоа што процедурата сега ќе трае и до две години пред да се произнесе судот. Но, самото тоа што Стразбур бара одговор од Скопје, започната е формалната процедура. Ако се следат претходните македонски примери, меѓународниот суд пресудувал симболични парични отштети за осудените. Такви се примерите со „Змиско око“, како и со притворот на браќата Миладинови од досието „Изгрев“. За нив судот констатираше дека неправедно се чувале притворени и отсуствувале конкретни аргументи за одредување на мерката.
И покрај таквите пресуди на Стразбур, во практика ништо не е сменето. И понатаму многу лесно се одредува притвор. Но, не само првичниот, туку, речиси без исклучок, мерката се продолжува се до крајот на судскиот процес, а тоа некогаш трае и повеќе од две години. Дополнително, никогаш нема одговорност кај надлежните, пред се кај судиите кои го одредуваат и обвинителите кои секогаш го инсистираат. Со трите нови предмети Македонија одново е соочена да плати за предолгите притвори.