Денес во Неготинското село Пепелиште, четириесет и седум годишниот О. А. бил пронајден во неговата куќа мртов. Лекарската екипа од ЈЗУ Неготино која што веднаш излегла на терен, забележала дека смртта настанала под нејасни околности, по што на лице место била повикана полиција и јавен обвинител.
,,Глетката беше застрашувачка. Се работи за релативно млад човек, кој што најверојатно бил починат три – четири дена. Телото беше речиси замрзнато, во лежечка положба на креветот, а покрај устата имаше крв. Се укажуваше на крајно мистериозна смрт, но не би навлегувале во поединости. Полицијата и јавниот обвинител си ја превзедоа работата понатаму’’ – вели наш извор од болницата кој што бил присутен на лице место.
Починатиот маж немал семејство, и во селото важел за самотник. Негови соседи забележале дека не се појавил надвор во изминатите денови.
,,Не можеме да откриеме повеќе детали, бидејќи како што веќе спомнавме, се работи за смрт во доста нејасни околности, која што ќе биде истражена од надлежните органи’’ – изјавија од ЈЗУ Неготино.
Во Пепелиште веќе започнаа да се шират разни приказни за ладнокрвен убиец кој што шета низ селото. Соселаните го опишуваат О. А. Како доста мирен и повлечен човек кој што живеел сам по смртта на родителите. Бил сиромашен, и од време на време работел како аргат. Токму затоа пепелиштани се прашуваат кој и зошто би му наштетил.
,,Цело село е изненадено од настанот. Го гледавме човекот како наутро оди во продавницата да си купи леб, не се дружеше со никого, немаше жена, ако го поздравевме, ќе ни одговореше. Веќе се прошири приказна дека можеби смртта му била насилна, со што селаните уште повеќе се исплашија, бидејќи во неговиот случај, сигурно мотивот не би бил кражба. Иако Пепелиште е мало село, во кое што сите добро се познаваат, од оваа ноќ, секако дека ќе ги заклучуваат вратите пред спиење’’ – ни изјави жител на селото.
Вики Клинчарова