Странците донирале 100 пати повеќе за државата, отколку за медиумите

by fokus

Текстот е објавен на 17-ти јуни 2016-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 1080

Соросовата фондација оваа година ќе потроши 3 милиони евра, од кои само 250 илјади евра за медиумите, а другите пари се за пристап на граѓаните до образованието и здравството, олеснување на остварувањето на нивните права, учество во креирањето политики на локално ниво. Сорос донира пари и во обука на вработените во државната администрација! Наспроти скромните средства доделени на медиумите минатите две години – 630 илјади евра, Холандија донирала 5,5 милиони евра за подобрување на капацитетот на општините во делот на даночната администрација, за образование и локален економски развој, над 22 милиони евра во повеќе сектори на стопанството преку програми за тренинг и обука, 11 милиони евра за проекти со Министерството за финансии, УЈП, Царината и Народната банка, над 30 милиони евра во приватниот сектор, 40 милиони евра во образованието!

Пишува
Љубиша АРСИЌ

Кога пред три години, холандската амбасада во Скопје отвори повик за медиумски грантови со цел да финансира проекти кои ќе помогнат во развојот на новинарството и плурализмот во медиумите, дневниот весник „Дневник“ објави текст со наслов „Холандија со 150 илјади евра ќе прави независно новинарство“. Провладините медиуми експресно го пренесоа текстот со коментари дека Холандија ќе ги уредува медиумите, ќе ѝ помага на опозицијата, ќе дејствува против државата и институциите.

Секако дека, три години по огласот, откако беа избрани медиумските проекти што се финансираат од холандски пари, се покажа дека тезите на провладините новинари биле за инстант употреба оти амбасадата во ниту еден случај ниту уредува вести, ниту е антидржавен елемент. Напротив, проектите, како на пример, емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, станаа препознатлив медиумски производ за објективно, аргументирано и истражувачко новинарство.

Дополнително, сите странски фондации и држави кои финансиски ги поткрепуваат новинарите и медиумите, секогаш инсистираат да се нагласи дека ставовите презентирани во текстот, емисијата, сторијата или каков и да е медиумски жанр, не се и ставови на конкретната држава. Со тоа тие однапред се оградуваат од содржината на медиумскиот производ, за да можат новинарите послободно да ги избираат темите, соговорниците, насоките на уредувачката политика.

Но, фактите за владејачката партија не се тема за аргументација. Таа опстојува на една теза, која упорно и успешно ја протнува во јавноста. Секако, со помош на курирските мегафони. Едноставно, според нивната кампања против критичкото новинарство и опозицијата, странските пари се наменети за антидржавно дејствување, новинарите кои се ангажирани на проекти на невладините организации се странски платеници, медиумите кои се помогнати од фондации или од амбасади, иако се претставуваат за независни и објективни, сепак остваруваат за странските интереси и за опозицијата.

Искривените тези до некаде и поминуваат на власта, особено кај граѓаните кои не сакаат преку факти да ја согледаат реалноста, за да увидат дека странските пари во медиумите во услови на државно-партиска контрола на доминантните национални медиуми се инструмент за подобрување на условите за работа на новинарите, за развој на истражувачкото новинарство, за слободата на печатот и изразувањето.

ДОБРО Е КОГА ВУЈКО СЕМ ДАВА НА ДРЖАВАТА, НЕ ЧИНИ КОГА ИМ ДАВА НА МЕДИУМИТЕ

Владејачката партија не сака да признае дека странските грантови за медиумите во последните неколку години се интензивирани токму по нејзина вина. Нејзиниот однос кон медиумите и новинарите и создавањето цела армија новинари впрегнати во партиска пропаганда, практично ја задушија професијата и на новинарите што сакаат да останат професионалци и да пишуваат за злоупотребите на политичката моќ, да бидат чувар на јавниот интерес, им останаа малку мејнстрим ТВ канали, изолирани печатени медиуми и повеќе дигитални портали, а најчесто се соочуваат со ниски плати и хонорари, несигурно работно место, со тужби за клевета и навреда од политичките моќници од власта, со арбитрерни отпуштања итн.

Македонија е кандидат за членство во Европската Унија каде што владеат високи стандарди на слободата на печатот и улогата на медиумите во општеството како четврта власт. Оттаму, сосема е разбирлива и оправдана финансиската поддршка на медиумите со грантови од европски фондации или држави. Таа е неопходна за квалитетот на новинарските содржини, за негување истражувачко новинарство што ќе открива корупција, организиран криминал, злоупотреба на јавните пари итн.

Но, ако веќе власта извлекува заклучоци дека во случајот на финансиската поддршка на медиумите (како и на невладините организации), станува збор за платеништво за туѓи интереси, тогаш да наведеме некои факти, за да објасниме оти таквата логика е погрешна.

Ако финансиските интервенции на добронамерните странци во медиумите се толкуваат како антидржавни, тогаш како да се толкуваат парите, кои се дури 100 пати повеќе, што странските фондации и држави ги донираат во државните институции, во здравството, образованието, земјоделството? Како обид на странците да влијаат врз владините политики за свои сопствени интереси наспроти нашите државни интереси? Како начин за узурпација на суверенитетот на македонската држава? Како сценарио да ја купат Македонија?

И што се тогаш нашите државни функционери, премиерот и министрите, ако владата и министерствата добиваат пари од истите европски фондации и држави? Предавници и странски платеници?! Се разбира, ништо од ова не врви и никој нормален не би резонирал на таков начин. Значи, на владејачката партија не ѝ пречи што државата користи донации, грантови, финансиски програми од истите држави и фондации кои со еден мал процент учествуваат и во поддршката на медиумите и новинарството. Не само што не ѝ пречи, туку таа тоа намерно го премолчува.

Со други зборови, ако со еден милион долари, според логиката на власта, УСАИД (Агенцијата за меѓународен развој на САД) може да ги контролира медиумите во Македонија, тогаш дали со 10 милиони долари донирани во образованието значи дека таа ги контролира и ги насочува образовните процеси, наметнува учебна програма, избира кој да печати учебници, крои наставно-научни приоритети, избира наставници? Се разбира, ништо од ова не е точно. Точно е само дека Агенцијата го финансира и го помага развојот на образованието, организира обуки и ги вклучува граѓаните во процеси од кои државата одамна ги исклучила.

Се разбира, власта нема ништо против ова финансирање, но кога станува збор за медиумите, ваквите аргументи не ѝ се допаѓаат. Ако ги следиме бројките на УСАИД преку кои се изразени донациите на американската агенција во Македонија, станува сосема јасно дека финансиската помош за медиумите е занемарлива (некогаш дури само 1 отсто) од потрошените пари на американските граѓани, во споредба со другите сектори од кои директна полза имала државата, а во преносна смисла и партијата на власт.

Низ бројките на УСАИД за финансирање на голем број проекти, не е едноставно да се извлечат податоци колку вкупно пари Агенцијата донирала во Македонија во последните 10 години откако Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ владеат со Македонија. Од она што успеавме да го најдеме, ќе издвоиме неколку примери, од кои е јасно дека парите на даночните обврзници на САД за помош на владините проекти и политики се далеку повеќе од она што е потрошено за медиумите.

Речиси и да не постои сектор во државата во кој УСАИД нема финансирано. Сите донации, без исклучок, се за напредок на одделните сегменти во општеството, а секогаш ги вклучуваат и граѓаните. Од финансиските програми на УСАИД кои се во тек ќе ја споменеме таа за заштита на човековите права. Само една невладина организација спроведува проект од над 600 илјади долари. Тоа е проект преку кој правно се заштитуваат правата и слободите на граѓаните, но се едуцираат и кадри од областа на човековите права, што е вообичаена обврска на државата.

Понатаму, само една програма, исто така на една невладина организација, е финансирана со 700 илјади долари како дел од антикорупциската битка. Лесно се заклучува дека и тука, обврските што ги има државата за обука на кадри, изградба на механизми за заштита од корупција, методи за детектирање корупција, финансиски ги помага УСАИД.

Интересно е да се спомене, дека во услови на лош образовен систем, несоодветни школски програми, неквалитетен наставнички кадар, УСАИД реализира програми со децата и учениците со цел да им го направи образованието пристапно, полесно и подолготрајно. Само за интеретничката интеграција во образованието, агенцијата донирала 5 милиони и 200 илјади долари во последните четири години. Овие пари, како и сите други финансиски донации се неповратни средства. Важно е да се нагласи дека само оваа ставка од парите на УСАИД, од 5,2 милиони долари во интегрираните училишта, неколкупати ја надминува финансиската помош за медиумите. За една година УСАИД троши по 700 илјади долари за децата од предучилишна возраст да научат да читаат и да пишуваат.

Во областа на економијата, УСАИД спроведува голем број проекти, но ќе ги издвоиме оние кои имаат директно влијание за подобрување на животот на граѓаните. На пример, 600 илјади евра Американците ќе потрошат за да ги научат малите и средните претпријатија како да учествуваат на тендери. Ова е конкретна мерка за подобрување на конкурентноста на фирмите, а со тоа и зголемување на нивната заработка.

Од ова секако државата има бенефит, оти фирмата потоа ќе плати повисок данок, а стопанството ќе добие уште една успешна компанија. УСАИД има и програма за финансирање преку која на младите им овозможува вработување. Агенцијата троши по неколку милиони долари, на невработените, пред сѐ, на тие што имаат завршено само средно образование, да им обезбеди обука за полесно да се продадат на пазарот на трудот. Сите овие неповратни средства што ги набројавме се само мал процент од она што УСАИД го донира преку своите програми во Македонија.

ЏОРЏ СОРОС ЗА МЕДИУМИТЕ Е МРАК, ЗА ДРЖАВАТА СВЕТЛИНА

Паралелно со парите на американските граѓани во Македонија влегуваат и пари од фамозниот Џорџ Сорос преку неговата фондација Отворено општество Македонија (ФООМ). Тоа е фондот кој е на удар на власта и на провладините медиуми. Во обид да ја оправдаат медиумската окупација, владините пропагандисти како аргумент ги користат токму парите на Соросовата фондација преку кои се финансираат одредени медиуми и медиумски проекти.

Според официјалните бројки на ФООМ, годишно од Њујорк во Скопје се слеваат 3 милиони долари. Во моментов, актуелна е стратегијата 2014 – 2017-та, која е составена од три приоритети – зајакнување и мобилизација на граѓаните, поддршка на интеграцијата на Ромите и маргинализираните групи и учество на граѓаните на општинско ниво.

И тука споредбата недвосмислено покажува дека помал процент од парите на Сорос во Македонија се трошат на медиуми. Годинава, на пример, од трите милиони евра, само 250 илјади ќе одат за поддршка на новинарски проекти. Останатите пари ќе се искористат за нешто што е обврска на државата, а која се реализира преку „озлогласената“ фондација, како обезбедување пристап за граѓаните до образованието и здравството, олеснување на остварувањето на нивните права, учество на граѓаните во креирањето политики на локално ниво.

Паралелно со едукацијата на граѓаните, ФООМ донира пари и во обуката на вработените во државната администрација за да даваат поквалитетни услуги и да им овозможат пристап на граѓаните до институциите.

Со овие средства, фондацијата директно помага во организирањето на системот на државата со цел да го направи пофункционален и попрактичен. Ваквите пари никому во власта не му пречат, ама затоа трн во око се процентуално ниските суми што се издвојуваат за поддршка на медиумите.

Ако ги прелистате официјалните податоци на ФООМ, може да се откријат конкретни проекти кои се од голема полза за државата. Некои донации и грантови одат во сегменти кои државата ги заборавила дека постојат. На пример, финансирани се општини да изработат планови за енергетска ефикасност. Понатаму, се донираат пари како помош за малите и средните претпријатија, за судството и за развојот на демократијата.

99 ОТСТО ОД ФОНДОВИТЕ НА ЕУ ОДАТ ЗА ДРЖАВАТА

Ништо помалку не заостануваат ниту европските пари, оние од Европската Унија, но и на одделни држави. Во седумгодишната финансиска рамка од 2007 до 2014- та, за Македонија беа издвоени 620 милиони евра, пари на Унијата. Прашање е колку владата успеала да извлече и да потроши, но проценките се дека 20 до 30 отсто од парите нема да се искористат. Голем дел од средствата власта ги искористила за поддршка на своите политики и затоа завршиле во институциите, пред сѐ, за реформи на администрацијата и на судството.

Тие пари од ЕУ беа наменети за пет области, градење институции, прекугранична соработка, регионален развој, развој на човечките ресурси, земјоделие и рурален развој. Овие пари од програмата која заврши во 2014-та може да се користат до 2017-та, а веќе актуелна е новата програма со нови 600 милиони евра која се однесува на периодот од 2014 до 2020-та. И оваа нова финансиска програма е поделена по сектори – демократија и управување, владеење на правото и човекови права, животна средина, човечки ресурси, конкурентност и иновации, образование, вработувања, социјална политика и рурален развој.

Според практиката, ако ЕУ издвојува 620 милиони евра за седум години, тоа значи дека Македонија годишно има на располагање неповратни 90 милиони евра. Според бројките, ЕУ фондовите издвојуваат само по еден милион евра годишно за медиуми. Тоа значи дека Унијата 90 пати повеќе финансира во другите сектори, односно во државните институции со цел да го подобри квалитетот на нивното функционирање, да го олесни животот на земјоделците, да го промовира бизнисот, да го унапреди судството.

100 МИЛИОНИ ЗА ДРЖАВАТА, ПОЛОВИНА МИЛИОН ЗА МЕДИУМИТЕ

Некои членки на ЕУ, пријатели на Македонија, како Холандија, Германија, Велика Британија, но и Швајцарија, Норвешка и други држави, во последните 10 години донирале десетици милиони евра како помош за државата. Токму амбасадата на Холандија во Скопје беше испровоцирана да објави што сѐ има донирано во Македонија откако провладините медиуми ја нападнаа дека со грантови за новинарите сака да уредува медиуми, да и помага на опозицијата и да дејствува против владата.

Наспроти скромните средства доделени на медиумите – 630 илјади евра, и тоа за дебатната емисија „Зебра“ (2012-2013), веб-проектот за истражувачко новинарство „Инбокс“ (2014-2015), стории на заедничката дописничка мрежа на порталите Нова ТВ и Алмакос (2014-2015), формирање нова независна новинска агенција „Мета“ (2014-2016) и информативната дебатна програма „360 Степени“ на Алсат ТВ (2014-2016), Холандија донирала најмалку 100 пати повеќе како помош на државата во остварувањето на повеќе цели и приоритети во неколку области.

Според официјалните податоци, во областа на доброто владеење се потрошени 5,5 милиони евра или конкретно се подобрувал капацитетот на општините во делот на даночната администрација, менаџментот на човечките ресурси, образованието и локалниот економски развој. Понатаму, Холанѓаните финансирале проект за подобрување на капацитетите на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), како и социјален и инфраструктурен локален развој.

Амбасадата на Холандија, исто така, учествувала со 130 илјади евра во институционалната поддршка на Советот за етика во медиумите. Кога станува збор за владеењето на правото доделени се средства за подобрување на ефикасноста на судскиот систем во милионски износи, од кои само половина милион за полицијата во борбата против фалсификување документи. Во моментов, актуелни се проекти на Холандија, во износ од 300 илјади евра со Академијата за судии и јавни обвинители и Судскиот совет за имплементација на европските стандарди, како и проект за заштита на пријавувачите на кривични дела.

Значителни суми, сепак, се издвоени за проекти во партнерство со државата, како проектот за јакнење на капацитетот на владините институции и установи за превенција на домашното насилство со 2 милиона евра, проект за подготовка на закон и политики на полето на сексуално и репродуктивно здравје и права, во соработка со Министерството за здравство од 320 илјади евра и други домашни и регионални проекти.

Преку холандски трговски агенции и инструменти, кои и денес им се на располагање на компаниите, Холандија потрошила над 22 милиони евра во повеќе сектори преку програми за тренинг и обука, воспоставување врски меѓу македонски и холандски компании и слично. Не изостанува ниту културата, па Холанѓаните го одврзале ќесето и дале 700 илјади евра (сума повисока од таа за медиумите) за фестивалот „Браќа Манаки“, „Скопје Дизајн“, „Танц фест“. Двесте илјади евра му се дадени на Јордан Плевнеш за отворање на образовната институција ЕСРА.

И на крајот, верувале или не, ама амбасадата на Холандија има донирано 11 милиони евра во проекти со државните институции, како Министерството за финансии, УЈП, Царината и Народна банка. Над 30 милиони евра се донирани во приватниот сектор. Четириесет милиони евра, пак, се доделени во образованието. Е сега, дали навистина државата која според слободна проценка донирала 100 милиони евра во Македонија, сака да ги јавне медиумите со грантови од половина милион евра?

Поради ограниченост на просторот, од сите странски донации во Македонија, во оваа пригода ќе ја издвоиме Велика Британија со бројки кои покажуваат далеку поголема интервенција во државните проекти отколку во медиумските. Најмногу, 4,5 милиони фунти Британците донирале во владините институции на централно ниво, на општините им помогнале со 600 илјади фунти, на секторите за безбедност со 1 милион и 300 илјади фунти, а за парламентот издвоиле 600 илјади фунти.

За реформите во судството, кое никако да се деполитизира, давале сите, па и Британија издвоила 340 илјади фунти. За медиумите Лондон помогнал со 400 илјади фунти, што е практично 20 пати помалку од секторите што имаат врска со државата.

Швајцарија, која не е членка на ЕУ, само со новата програма ќе донира осум милиони франци за граѓанското општество во Македонија. Не заостанува ниту Германија, која донира милиони евра во сите области. Пред фактите и боговите молчат. А тие го поставуваат прашањето, ако критичките медиуми се „соросоиди“, платеници и предавници, тогаш каква ни е државата и власта?

ДРЖАВАТА ПРИМА ДОНАЦИИ, АМА НАПЛАЌА И ДАНОЦИ

Освен што државата има бенефит од странските донации, таа ја полни и касата со даноци кои донаторите и фондациите ги плаќаат по разни основи. Пред сѐ, луѓето што работат на проектите финансирани со грантови, мора да платат 10 отсто персонален данок. Потоа, за потребите на проектите има граѓани кои се вработуваат и за кои се плаќаат комплетни даноци и придонеси кон државата. А за голем дел од услугите, донаторите плаќаат и ДДВ. Колку проектот е поскап, толку државата има поголем прилив. Од прилика, 15 до 30 отсто од буџетите на фондациите завршуваат кај државата.

Поврзани новости