Странските фабрики како последна шанса за кавадарчани

by fokus

Поради лошата економска состојба, отпуштањето на вработени од топилницата “Фени Индустри” каде што има околу 1000 работници и која што со децении наназад е еден вид на економски столб во Кавадарци, но и слабата заработувачка од производството на винова лоза, кавадарчани и неготинчани ги заменија лозјата со работата во фабриката за производство на автомобилска електроника.

Вики Клинчарова

Во тиквешијата, област позната по лозарството и винарството, во изминативе неколку години, се повеќе семејства парчето леб го бараат во германската фабрика “Дрекслермајер”. Поради лошата економска состојба, отпуштањето на вработени од топилницата “Фени Индустри” каде што има околу 1000 работници и која што со децении наназад е еден вид на економски столб во Кавадарци, но и слабата заработувачка од производството на винова лоза, кавадарчани и неготинчани ги заменија лозјата со работата во фабриката за производство на автомобилска електроника. Иако станува збор за исцрпувачка работа на лента која што на обичните работници им е платена со околу 200 евра месечно, немајќи друг избор, тие се принудени да затропаат на вратата на германскиот автомобилски гигант.

Од “Фени Индустри” велат дека отпуштени се само 23 лица на кои што им истекол договорот за работа, а поради намален капацитет на работа и вишок на работна сила, се применувале мерки за излез од кризата. Фени Индустри – Кунико од 2005 година е во сопственост на Израелско – Британската фирма Кунико. Таму има околу 1000 вработени, а просечната плата се движи околу 30,000 денари. Јавна тајна во Кавадарци и Неготино е дека луѓето се бореа да добијат работно место во топилницата и кога се бараа нови работници се вртеа телефони и се фаќаа врски.

“Само се шпекулира дека околу 200 работници ќе останат на улица, бидејќи 23 е бројката на вработени на кои што не им беше продолжен договорот за работа. И покрај намалениот капацитет на работа, правиме се што можеме за да нема отпуштања” – ни изјави Снежана Брзаков, ПР на компанијата. И покрај тоа, вработените во Фени, кои што веќе неколку месеци добивале само 70% од редовната плата, стравуваат дека ќе завршат на улица и ќе мораат спасот да го побараат во “Дрекслермајер”.

Не е лесно да се работи на лента

Токму затоа, германската фабрика за автомоблиска електроника “Дрекслмајер” која што е отворена пред околу три години во Кавадарци, во Тиквешијата ја нарекуваат “Последна шанса”.

Имено, и покрај тоа што во фабриката се вработени околу 6.000 лица, најмногу од Кавадарци, Неготино, Велес и околните места, поради ниските плати и напорната работа, луѓето кои што се решаваат да побараат вработување таму, велат дека тоа им било последната опција, и во состојба на безизлезност, морале да станат дел од тимот на германската фабрика. Речиси нема вработен таму, кој што во иднина не се надева да ја смени работата и да најде вработување кое што ќе биде повеќе платено, но и со подобри услови.

“Јас и сопругата сме млади и работиме во фабриката околу две години. Платата ни е по околу 200 евра, ако работиме и во саботите и за празници, може да земеме по околу 15.000 илјади денари месечно. Ова е доста тешка работа, постојано мора да сме сконцентрирани, на нога сме, исто така работењето во смени е исцрпувачко. Имаме пауза од околу 20 минути за ручек, остатокот од времето се работи без престан. Како роботи сме! Барав работа во Германија, но процедурата е долга и неизвесна, па затоа, додека не најдеме нешто подобро, мора да се задоволиме со “Дрекслмајер”. Искрено, никој од моите колеги не планира да остане овде доживотно, бидејќи не се издржува. Постојано сме исцрпени, работиме во германска фирма за плати кои што се под секое ниво и за кои што во Германија сигурно дека никој не би се нафатил да работи” – вели неготинчанец кој што секојдневно со сопругата патува во фабриката во Кавадарци.

Инаку, од фабриката имаат обезбедено автобуски превоз за вработените од Неготино кои што се околу 1000 на број.

“Јас сум во фабриката уште откако се отвори. Обичен работник сум, минатиот месец работев речиси секој ден, од 31 ден во месецот, јас имав 29 работни дена и зедов 15.000 денари плата. Нормално дека е тешко, но кога нема друга работа, мора да бидеме среќни што се отвори и оваа фабрика, па многу семејства од тука си го вадат лебот” – ни раскажа вработен во фабриката од Кавадарци. Помеѓу вработените има обични работници и работници кои што се на повисоко ниво, односно се нарекуваат Тим лидери и нивните примања се движат од 15.000 па до над 25.000 денари месечно. Сепак, обичните работници, кои што се многубројни, тврдат дека работата е навистина заморна, а нивниот труд не се цени доволно.

“Да имав каде да одам,секако дека немаше да работам во “Дрекслмајер”. Сакам со семејството да заминам во Швајцарија, чекам документи, но не знам дали ќе успеам да ги добијам, бидејќи овде е неиздржливо. Уште на почетокот на оваа германска инвестиција, нашата влада требаше да не заштити нас, работниците, да им постави услови за минимална плата на Германците, да не се потценува нашата работа. За работа на лента, во било која европска земја, секако дека се дава плата поголема од 200 евра” – вели кавадарчанка која што е вработена во фабриката од самиот почеток.

Сите вработени со кои што разговаравме, не сакаат да го откријат својот идентитет јавно, бидејќи се плашат дека ќе останат без работа. Велат дека откази постојано се делат, но има и многу работници кои што се откажале по само неколку дена, бидејќи не можеле да го издржат темпото на работа. Додаваат дека само луѓе кои што имаат голема мака и се борат да го прехранат семејството, затропуваат на вратата на фабриката. “За секого ете, има работа, ама каква работа, и за колку пари, тоа е веќе друга приказна” – коментираат тие.

Вложуваме во вработените

Катерина Бакалова, застапник на фабриката, во телефонски разговор ни рече дека не сфаќа зошто работниците не се задоволни и зошто гледаат на фабриката како на “Последна шанса”. Таа не замоли да и ги доставиме нашите прашања по електронски пат, а ова е одговорот кој што го добивме од име на менаџментот на компанијата.

“Како интернационална компанија DRÄXLMAIER Group има исти работни стандарди низ целиот свет. Тие се дефинирани во нашата „Глобална социјална политика“ и се спроведуваат во сите фабрики глобално. Па така и компанијата Дрекслмајер Македонија функционира според истите меѓународни стандарди.  Во компанијата постојано добиваме голем број на апликации за вработување од тиквешкиот регион, но и пошироко. Многубројни се и оние кои аплицираат по препорака на нивни роднини и пријатели кои веќе работат во Дрекслмајер. Често се случува да се вработат родителите, па потоа да аплицираат за работа и нивните деца. Исто така има вработени кои од различни причини ја напуштиле компанијата, но по извесен период повторно аплицираат за вработување во Дрекслмајер и сега се повторно наши колеги. Сето ова е јасен знак за нас дека Дрекслмајер го гледаат како добар и сигурен работодавач.

Дел од причините за ова се следните:

За сите вработени е организиран превоз и топол оброк, а се исплаќаат и дополнителни парични бонуси. Во однос на стандардите за безбедност и здравје при работа, надлежниот оддел во компанијата се грижи за спроведување на меѓународните стандарди во оваа област како и за примена на домашните регулативи. Амбулантата во склоп на фабриката е достапна за сите вработени 24/7, а за секој вработен е обезбеден посебен тренинг за безбедност и заштита при работа. Сите простории во Дрекслмајер се климатизирани, а обезбеден е и посебен простор за време на паузите во кругот на фабриката.  За компанијата е важно и да се вложува во професионалниот развој на вработените. Се обезбедуваат услови за учење и напредок како и шанси за професионален и личен развој на вработените преку обуки за доусовршување. Овде се обрнува внимание и на меѓународната размена на искуства во рамки на DRÄXLMAIER Group, па така многу вработени се обучуваат и надвор од границите на Македонија” – стои во официјалниот став, без притоа прецизно да се одговори на нашите едноставни прашања, зошто дел од работниците се незадоволни и велат дека имаат напорна работа за која што не се доволно платени, и зошто во тиквешијата се гледа на фабриката како на “Последна шанса” односно, доколку би нашле подобра работа, не би останале во фабриката.

Откако се отвори “Дрекслмајер” невработеноста во Кавадарци и Неготино е на доста ниско ниво. Вработување може да најде речиси секој, бидејќи во фабриката се бараат лица со завршено средно образование, без претходно искуство. Германската групација “Дрекслмајер” има свои фабрики во повеќе од 20 земји во светот. Покрај Македонија, фабрики има и во Унгарија, Египет, Индија, Кина, Тајланд, Малезија, Романија, и други.

Поврзани новости