Стопанска комора: Се почитуваат мерките, но има дефицит на заштитни маски и ракавици

by fokus

Согласно новонастанатата состојба и упатствата од Владата, компаниите целосно се придржуваат кон истите во насока на превенција од ширење на корона вирусот, велат од Стопанската комора.

-Од страна на одговорните лица во домашните компании во текот на изминатите денови, се прават анализи на состојбите и беа спроведени вонредни интерни обуки на вработените на кои им беа дадени упатства за спроведување на засилени мерки на спроведување на личната хигиена, како и засилени мерки на чистење и дезинфекција на производната опрема и производните погони.

Компаниите ги презедоа сите мерки во однос на отсуствата на дел од вработените-замена со други вработени или делумно реорганизирање на производството со цел намалување на последиците и одржување на постојан производен циклус.

Проблемот евентуално може да се лоцира, во дефицитот на пазарот од заштитни маски  и ракавици за еднократна употреба, кои во објектот се користат како дел од работната опрема во секојдневниот производен процес. Во моментот, се користат залихи од споменатата лична заштитна опрема, меѓутоа од повеќе компании добивме известување дека на пазарот веќе се чувствува недостиг од овие материјали.

Домашните производни и трговски компании се соочуваат со проблеми при увоз на суровини и производи најмногу од земјите кои прогласија целосно затворање, како Италија, а согласно најавите, во наредниот период се очекува тоа да се случи и во уште неколку европски земји со кои имаме поголема трговска размена. Истовремено компаниите од прехранбениот сектор размислуваат, во случај на целосно затворање, да го прилагодат своето производство и достава на прехранбени производи со цел редовно снабдување на трговските ланци. Истовремено, домашните производители на прехранбени производи информираат дека се во активна меѓусебна комуникација и ги преземаат сите мерки за превенција од Корона вирусот за безбедно производство и дистрибуција на производите и услугите кои ги нудат, според насоките дадени од Министерство за здравство. Една од мерките која беше преземена уште на стартот е формирањето на дезобариери на влезот во сите компании низ кои минуваат возила кои вршат превоз на луѓе и дистрибуција на нивните производи, вели Васко Ристовски, самостоен советник, од Стопанска комора на Македонија.

 

Поврзани новости