Столтенберг во вторник доаѓа во Скопје, денеска е во Сараево

by Fokus

Јенс Столтенберг – генералниот секретар на НАТО денеска ќе отпатува за Сараево, како прва етапа од неговата турнеја низ четири земји од Западниот Балкан, во чии рамки во вторник попладне ќе пристигне и во Скопје.

Како што соопштија од НАТО, турнејата низ регионот Столтенберг ќе ја започне со работна вечера со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, а утре ќе има средби со високиот претставник на меѓународната заедница за БиХ, Кристијан Шмит и со претседавачката со босанскохерцеговскиот Совет на министри – Борјана Кришто.

Од Сараево, тој утре попладне ќе отпатува за Приштина на средби со претседателката и со премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти.

Во вторник претпладне, Столтенберг ќе престојува во Белград на разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ.

Попладнето, генералниот секретар на НАТО од Белград ќе допатува во Скопје, на средби со шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со собранискиот претседател Талат Џафери, а ќе се обрати и пред пратениците во Собранието.

В среда претпладне предвидено е Ковачевски и Столтенберг во Скопје да се сретнат со лидерите на земјите членки на НАТО од регионот – хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Словенија, Роберт Голоб и на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

Поврзани новости