Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека членството на Шведска во НАТО е можно до самитот на воената алијанса, кој ќе се одржи на 11 и 12 јули, но дека не може да гарантира.
Столтенберг одговараше на новинарски прашања во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на НАТО, што се одржува во седиштето на алијансата во Брисел.
Запрашан за можноста за членство на Шведска во НАТО до самитот во Вилнус, Столтенберг рече дека вчера во Анкара се одржал состанок на Постојаниот заеднички механизам на Турција, Шведска и Финска и дека се одвивал во конструктивен амбиент.
Столтенберг потсети дека Шведска ги исполнила своите обврски во рамките на трилатералниот меморандум договорен на минатогодишниот самит во Мадрид.
„Турција има легитимни безбедносни грижи. Ниту еден сојузник не е повреден од тероризмот повеќе од Турција“, нагласи Столтенберг, а потоа продолжи во врска со членството на Шведска:
„Членството на Шведска е можно до самитот во Вилнус, но не можам да гарантирам. Работиме на тоа учеството на Шведска да биде можно што е можно поскоро. Задоволство ми е да ја искористам оваа прилика да се сретнам со претседателот Реџеп Таип Ердоган и да го свикам Постојаниот механизам оваа недела“.
Запрашан за минатонеделната посета на САД и дали ќе му биде продолжен мандатот, Столтенберг рече дека на средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон разговарале за претстојниот Самит на НАТО.
„31 сојузник на НАТО одлучуваат кој ќе ме замени. Јас сум одговорен за сите одлуки на НАТО, освен за една, која ќе биде мојата иднина. За тоа одлучуваат 31 сојузник“, рече Столтенберг.
На прашањето дали сака да му биде продолжен мандатот, Столтенберг рече:
„Немам намера да барам продолжување на мојот мандат“.