Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази разбирање за загриженоста на Турција поврзана за членството на Шведска и Финска во Алијансата и рече дека се работи интензивно да се надминат проблемите.
Иако многумина се надеваа дека апликациите за членство на Финска и Шведска многу брзо ќе ги помине процедурите во НАТО, официјална Анкара засега го блокира процесот, бидејќи е загрижена поради врските што ги одржуваат овие две земји аспиранти со групи кои се сметаат за терористички во Турција.
-Турција изрази загриженост за сериозни прашања поврзани за тероризмот и работиме да ги решиме тие преокупации – рече Јенс Столтенберг, додавајќи дека голем број други земји членки на НАТО го поддржуваат членството на Шведска и Финска.
Генералниот секретар ги отфрли обвинувањата дека одолговлекувањето на процесот му штети на имиџот на НАТО, или пак дека и оди во корист на Русија.
-НАТО се 30 различни сојузници, често не се согласуваме за некои прашања на почетокот на процесот, но тоа што го правиме е дека секогаш имаме консултации за да ги усогласиме различностите, некогаш за тоа треба време, тоа е силата на НАТО, носењето одлуки со консензус, самата природа бара време и макотрпна работа но на крајот одлуките се многу силни затоа што сите сојузнички ги носат со консензус – рече Столтенберг.