Опозицијата ги исвирка старо-новите министри и ја напушти седницата

by Фокус

Собранието со мнозинство гласови изгласа Митко Чавков и Диме Спасов повторно да се вратат на функциите министер внатрешни работи, односно министер за труд и социјална политика.

Новите министри беа на предлог на техничкиот премиер Емил Димитриев, кој неколку часа пред почетокот на седницата, до Собранието ги достави оставките на министрите од СДСМ, Оливер Спасовски и Фросина Ташевска Ременски, на нивно место предлагајќи ги Чавков и Спасов.

Пред заклетвата, пратениците на опозицијата со извици „Уа” и свирежи по новите министри, ја напуштија седницата на Собранието. Според СДСМ ова е погубно сценарио, бидејќи како што рече пратеникот Горан Сугаревски, на овој начин им се дава шанса на аболирани криминалци повторно да формираат влада.

Опозицискиот пратеник Горан Милевски пак, упати прашање до Димитриев дека, ако важат одлуките за оставки на министрите од СДСМ во новонастанатата ситуација, зошто Димитриев се уште е премиер. Димитриев не одговори на пратеничкото прашање.

По ова, пратениците од опозицијата откако гласаа Против, кои на себе носеа беџови „Протестирам” ја напуштија седницата.