Столтенберг: Не постои документ за непроширување на НАТО кон исток

by fokus

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека вратата за влез на нови членки е секогаш отворена за сите земји кои ги исполнуваат стандардите на Алијансата и треба да се почитува слободната волја на суверените држави да одлучуваат по тоа прашање.

Столтенберг за црногорската телевизија Вијести изјави дека евентуалниот документ за непроширување на НАТО кон исток, на кој Русија постојано инсистира, никогаш не бил потпишан.

– НАТО никогаш не принудил ниту една земја да се приклучи на Алијансата. Се работи за почитување на слободната волја на суверените држави. Почитуваме кога земјите одлучуваат да се приклучат, како Полска или некои други земји по Студената војна, но почитуваме и кога земјите одлучуваат да не ни се придружат, истакна Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО „силно ги поддржува и почитува“ одлуките на земји како Србија да не се приклучат на Алијансата.

– Не сакаме да влеземе во сферата на влијание кога големите сили одлучуваат што ќе прават нивните мали соседи. Секоја земја во Европа има право да одлучува за својот пат, нагласи Столтенберг.

Тој рече дека НАТО е силно ангажиран во изнаоѓање политичко решение за украинската криза и дека не е доцна да се зачува мирот.

– Од ден на ден гледаме дека руските сили се повеќе се акумулираат на границата со Украина. Објавивме конкретни предлози во писмени документи до Русија, изјави Столтенберг.

Запрашан кој би бил главниот поттик за итно активирање на воените сили на алијансата, Столтенберг одговорил дека НАТО е „одбранбен сојуз“ и дека начинот на зачувување на мирот е обврската да се брани секој сојузник доколку биде нападнат.

– Целта на НАТО е да го зачува мирот. Улогата на НАТО не е да предизвикува конфликт, туку да го спречи. Секогаш бараме политичко решение. Ние веруваме дека колку и да сме силни, секогаш можеме да започнеме политички дијалог. Тоа го направивме многу пати и повторно сме подготвени, истакна генералниот секретар на Алијансата.

На прашањето дали НАТО ќе им помогне на европските институции да ги организираат претстојните српски избори на Косово, Столтенберг потенцира дека главната улога на НАТО на Западен Балкан е „да спречи нов конфликт“.

– НАТО има важна улога во одржувањето на мирот и спречувањето на конфликти. Кога станува збор за дијалогот меѓу Белград и Приштина, ние ја поддржуваме ЕУ. НАТО во Косово го поддржува политичкиот дијалог и ја обезбедува слободата на движење на сите заедници. Работиме заедно со европските институции, но тие се многу повеќе вклучени во политичките процеси, објасни Столтенберг за Вијести.

Поврзани новости