Земјите од НАТО не обезбедуваат доволно муниција на Украина и тоа има последици на бојното поле секој ден, предупреди денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„На Украинците не им недостасува храброст, им недостига муниција“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.
По нешто повеќе од две години војна, на украинската војска и недостигаат муниција и системи за противвоздушна одбрана за да ја потисне руската војска во офанзивата.
„Тоа е огромен предизвик и една од причините зошто Русите успеаја да направат неколку напредувања на бојното поле“ потенцираше шефот на НАТО.
Столтенберг рече дека САД, Канада и Европа „треба да направат повеќе“ и дека треба да се преземат долгорочни обврски.
Проблемот не е недостатокот на капацитет во индустријата за оружје, туку прашање на „политичка волја“ потребна за донесување одлуки и приоритет на поддршката за Украина, додаде тој.
Стравувањата за поразот на Украина од Русија, поради недоволното количество оружје, се зголемија во последните неколку недели по неколкуте пробивања на руските трупи на бојното поле.
На крајот на февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика своите западни сојузници да достават воена помош за неговата земја „навреме“.