Стојковски за „Фокус“: Во 2016 бевме заробена држава, а сега се подобруваме!

by Fokus

Минатата седмица пред пратеници од Комисијата за надворешни работи на Европарламентот беше презентиран Извештајот на Европската комисија за Македонија.

Дел пофалби и дел критики за нашата земја за спроведување на реформите во повеќе сфери во општеството, а аналитичарот и извршен директор на Институтот Преспа, Андреја Стојковски за „Фокус“ даде своја анализа за делот „Основи на пристапниот процес“ (во кој спаѓаат: демократијата, изборите, Парламентот, владеењето, граѓанското општество и тн.) и „Зелена агенда“.

Ова е четврта година во која Северна Македонија забележува константно подобрување на состојбите со демократијата и владеењето на правото. Воедно, константа е подобрувањето и на состојбата во однос на заштитата и почитувањето на човековите права. Ако се има предвид фактот дека во 2016 бевме опишани како „заробена држава“, тогаш ова може да се смета како несомнен успех и постојан напредок. Само за илустрација, извештаите неколку години по ред зборуваат за нас како за држава која прави обиди за „…зајакнување на демократијата и владеењето на правото, вклучително и со активирање на постоечките контролни механизми преку…“, анализира Стојковски.

Се разбира, додава тој, има и недостатоци кои извештајот ги забележува и затоа би тргнал од областа каде што сеќавањата ни се најсвежи, локалните избори.

Европската комисија во овој извештај укажува дека се потребни „дополнителни напори за систематско подобрување на точноста на избирачките списоци“, а посочува и на нивото на политичката култура и свеста за потребата од еднаквост кога станува збор за партиската демократија и предлагањето на кандидатките за градоначалнички и советнички. Имено, во извештајот се посочува дека од „…вкупно 299 кандидати за градоначалници, 8% се жени“, додека жените се само околу 45% кандидатите за советници, односно се носителки кај само 19% од листите. Оваа забелешка има исклучително значење, особено ако се има предвид дека доаѓа од првата родово балансирана Комисија и првата претседавана од жена. Конечно, во овој дел, извештајот повикува и на затворање на реформскиот процес во Изборниот законик „многу пред следните избори“ за да се избегнат случувањата од оваа година кога законот беше менуван во текот на изборниот процес“, вели нашиот соговорник.

Извештајот на ЕК за Македонија во делот на „Зелена агенда“ говори дека нашата земја има постигнато одличен напредок во транспортот, животната средина и климатските промени.

Во ова поглавје и забелешката која зборува за потребата државата „…да ги засили амбициите во однос на зелената транзиција, особено во контекстот на Зелената агенда…“ бидејќи голем дел од минатогодишните препораки не се спроведени. Притоа, државата треба да посвети посебно внимание на финансиското планирање и управувањето со ресурсите за да гарантира подобро справување со загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот и регионалните депонии, но и целосната имплементација на Договорот од Париз и Агендата 2030“, го заврши разговорот Стојковски.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости