Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес поднесе амандман каде плаќањето на пожарникарите би бил под капа на државата, од аспект на зголемувањето на блок дотациите, кој беше прифатен, рече пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој објасни дека овој амандман е поднесен на иницијатива на претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
-Денеска на маил примивме иницијатива од претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски каде се побара сите пратенички групи каде во моментот се расправа одлука за прераспределба на средства помеѓу централните институции и фондовите да се обезбедат дополнителни средства, со што сега товарот кој сега го имаат општините од аспект на плаќање на пожарникарите би бил под капата на државата од аспект на зголемувањето на блок дотациите.
Сакам да ве информирам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За обнова на Македонија денеска го повика претседателот на ЗЕЛС кој што дојде во придружба на градоначалникот на Велес, Марко Колев и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов и се обврза да поднесе амандман со што овие средства ќе бидат дополнително обезбедени, изјави Стојаноски.
Пратеникот рече дека министерот за финансии, Фатмир Бесими се обврзал дека овие средства ќе бидат обезбедени.
-Во текот на денот имавме средба во Парламентот каде присуствуваа делегацијата од ЗЕЛС и министерот за финансии, Фатмир Бесими на кој што се обврза дека тие средства ќе бидат обезбедени.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе амандман кој беше прифатен од мнозинството и овие средства ќе бидат обезбедени до крајот на годината, со што значи општините и единиците на локалната самоуправа ќе добијат дополнителен простор од аспект на сопствените буџети, овие средства кои нема да ги даваат на плати на пожарникарите бидејќи државата ќе ги обезбеди, ќе можат да ги реализираат од аспект на проекти и од инфраструктурата, рече Стојаноски.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски рече дека со обезбедување на овие шеесет милиони денари многу ќе им значат на општините, бидејќи имаат илјадници нерешени прашања.
-Денеска успеавме заеднички да издејствуваме да бидат обезбедени 30 милиони денари од една страна кои што ќе бидат употребени од страна на општините за покачувањата на платите од една страна и регресот до крајот на годината за преостанатите три месеци и дополнително уште 30 милиони, значи вкупно 60 милиони денари. Останатите 30 милиони денари би се употребиле и министерот даде согласност и ветување дека во наредниот период од десетина дена ќе потпише согласности кои со години чекаат за вработување во противпожарните едници секаде низ Македонија, изјави Ѓорѓиевски.