Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, во интервју за Дојче веле, вели дека се залажуваме дека е можно да дојде до суштински промени во земјата, ако не се покаже дека во практиката се враќа принципот на правда, пред сè, со напуштање на принципот на неказнивост на луѓето од власта.
-Ако опозицијата се држеше директно до оценката дека е потребен транзициски период за отстранување на последиците од владеењето врз основа на некредибилни избори, тогаш не смееше да се прифати решение со кое Груевски заминува од функцијата, не затоа што на неа дошол на некредибилни избори и што владеел неодговорно, туку се измисли дека правиме нов систем на владеење што ќе важи од распишувањето до одржувањето на парламентарните избори, не само за овие туку и за сите други. Со прифаќањето на таа теза, опозицијата прифати заминувањето на Груевски од функцијата премиер да не биде казна, туку спогодба за некое ново системско решение, вели Андов.
Тој додава дека излезот од кризата е во концентрациска влада во која треба да бидат личности прифатени од четирите партии, но ниту еден од „четворката“, за да не се пренесе атмосферата на меѓупартиски судири.