Стоев: Промена на Уставот на Северна Македонија е еден од начините за решавање на проблемите

by Fokus

Дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжи и во иднина, за остварување на единствената и заедничка цел – земјата да започне преговори со ЕУ, изјави денеска вршителот на должноста бугарски министер за надворешни работи, Светлан Стоев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Стоев нагласи дека на средбите со претставници на земјава за време на Форумот во Дубровник, бугарскиот заменик министер за надворешни работи Румен Александров предложил разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија да продолжат и да не се губи време во билатералниот дијалог.

– Александров во моментов е во Словенија, каде што е и македонскиот вицепремиер Никола Димитров и доколку побара, тој може да се види и да разговара со неговиот бугарски колега. Емоциите се пречка, треба де се гради прагматична политика меѓу Бугарија и Северна Македонија, потенцира Стоев.

Тој нагласи дека промена на Уставот на Северна Македонија е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарската национална заедница во земјата.

– Ние ја третираме Република Северна Македонија како суверена држава со сето она што произлегува од таквиот однос, изјави Стоев, додавајќи дека бугарското Министерство за надворешни работи треба „да добие поширока рамка за водење на процесот на преговори“.

Шефот на бугарската дипломатија нагласи дека Бугарија ја третира Северна Македонија со почит, но дека земјава, според него, треба да ја увиди реалноста. Тој како пример за добрососедство ги посочи скандинавските земји, кои, како што рече, постигнале вистинско разбирање и партнерство.

Поврзани новости