Првите 12 респиратори кои се дел од помошта на Европската Унија од четири милиони евра, денеска пристигна во Министерството за здравство.
Помошта ја врачи шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Самуел Жбогар кој истакна дека ова е првиот пакет од поддршката што Брисел ја најави пред неколку недели, а ќе биде доставена на Клиничкиот центар и Болницата „Осми септември“.
-На сите ни се познати трагичните слики што ги видовме во Милано и Ломбардија, кога поради недостиг на респиратори лекарите мораа да носат тешки одлуки. Во таа смисла, респираторите се од критично значење за пациентите најпогодени од вирусот. Тешко е да се набават, оти на сите им требаат, но среќни сме што, со помошта од УНОПС, успеавме да донесеме 12 сега, а уште неколку ќе следуваат подоцна. Ова се првите респиратори што земјата ги добива по почетокот на кризата. Со ова потврдуваме, уште еднаш, дека ЕУ е со вас во кризава, рече Жбогар.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров порача дека оваа пратка е дел од големата помош што ја добиваме од ЕУ.
Донираните респиратори се од јужнокорејско производство со високи перформански со инвазивна и неинвазивна вентилација и се клучни за пациентите сместени во единиците за интензивна нега.