Повеќе добро упатени извори неофицијално тврдат дека во Министерството за правда наводно стигнала одлуката од Стразбур за аболицијата на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, која им ја даде екс претседателот Ѓорге Иванов.
„Фокус“ се обиде да ја провери оваа информација, но засега официјално никој не ја потврдува, иако повеќето наши соговорници брифираат дека сите информации одат во насока дека процесот е при крај.
Одлуката, како што веќе пишуваше ,,Фокус” се очекуваше есенва, но таа се уште не е официјално објавена на сајтот на европскиот суд.
Според процедурата, и двете странки во постапката треба да бидат известени за датумот на објавување на одлуката, а клучната информација да ја дознаат на денот на објавувањето.
Иако одредени извори тврдат дека во Министерството за правда веќе во рака ја имаат важната одлука, сепак, владината агентка Даница Џонова вели дека се уште нема таква одлука.
Таа посочува дека за неа сите странки ќе бидат информирани во исто време, појаснувајќи дека правда не е привилигирана странка во постапката за прва да ја добие информацијата.
Тоа го вели и министерот за правда, Никола Тупанчевски.
-Постапките пред ЕСЧП во врска со сите апликации во кои се покренува парашањето во врска со одлуките на поранешниот претседател Иванов, а кои беа доставени на одговoр до државата, се сеуште во тек пред ЕСЧП. Досега ЕСЧП нема донесена одлука/ пресуда во ниту еден од овие предмети.
Инаку, одлуките на ЕСЧП се објавуваат на неговата интренет страница, што претставува воедно и чин на нивна достава до странките во постапката. Оттука и странките во постапката (било апликантите било државата како странка во постапката пред ЕСЧП) се запознаваат со одлуките на ЕСЧП, со нивната објава на неговата интернет страница во дата базата HUDOC, кога тие стануваат воедно достапни и за целокупната јавност, вели министерот Тупанчевски.
Адвокатите со кои разговаравме, пак, тврдат дека имало случаи кога Стразбур прво ја известило Владата.
Доколку судот во Стразбур одлучил во полза на аболицираните поранешни функционери, тоа значи дека најголемиот дел од предметите ќе пропаднат.
В.В.