Многу наскоро, односно во септември се очекува Судот за човекови права во Стразбур да пресече дали аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов ќе ,,оживее” и од кривичен прогон и затвор ќе се спасат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, на кои им се суди или веќе се осудени за предметите кои ги отвори СЈО.
Веќе подолго време се шпекулира и дека токму затоа Апелација не се брза да донесе одлука за предметот ,,Таргет и Тврдина”, за масовното нелегално прислушување во УБК, односно да ја потврди првостепената пресуда или да ја укине. Наводно, се чека дали Стразбур ќе ги урне предметите и ќе ги ,,спаси” од одлука.
Официјално од судот пак за ,,Фокус” изјавија дека предметот се уште се работи и дека дел од судиите кои постапуваат се уште се на одмор.
Во Стразбур пак се чини дека шансите се 50:50.
Одбраната на Владата се движи во насока да се докаже дека аболицијата на Иванов од старт е ништовна. Односно, дека се повикал на член од Законот за помилување кој со години не постоеше.
-Помилувањата на Иванов беа дадени спротивно на домашното право и беа избор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните. Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред Судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот нив да ги оцени, упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа влада не е подготвена да прогласи врв на неказнивост, изјавуваше екс министерот за правда Бојан Маричиќ.
Во ноември 2017 година, адвокатот Влатко Илиевски ја поднесе првата апликација до Судот во Стразбур, а потоа следуваа уште осум, кои се однесуваат на вкупно 10 оштетени. Првата е на име на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, а по десетина дена пристигнала и она на Едмонд Темелко, ексградоначалникот на албанската општина Пустец. Истиот месец, на ист датум се поднесени уште две, на Никола Груевски и една заедничка на Тони Јакимовски и Гордана Јанкулоска.
Следната година, во февруари 2018, пристигнува и заедничката апликација на Јанкулоска и Миле Јанакиески, а по три месеци се изготвува и на Киро Тодоровски. Летото 2018 година во Стразбур пристига и апликација од поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, а годината завршува со апликациите на Јанакиески и Кирил Божиновски.
За сите нив е заедничко барањето кривичниот прогон да запре со образложение дека помилувањето кое го добиле од поранешниот претседател не можело да се повлече. Во прилог им оди и тоа што Иванов никогаш не беше кривично гонет за аболицијата, што остава впечаток во Стразбур дека претседателот не постапувал незаконски.
Валентина Вурмо