Веќе сме во период кога ризикот од наплив на голем број новоинфицирани пациенти го поминавме, но тоа не значи дека не треба и понатаму да се придржуваме до дадените препораки за заштита од ковид-19, туку напротив секој поединец мора да се придржува до нив за направените проценки да бидат точни, вели директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, Милена Стевановиќ во интервју за МИА.
Стевановиќ нагласува дека ситуацијата со која се соочува македонскиот здравствен систем е нова и непозната досега, па искуствата од лекувањето се нови. Она што досега ќе влезе како податок за новата болест е дека лекувањето е подолго, во просек околу 14 дена, па многу подолго, и зависи од секој пациент ииндивидуално. Некои пациенти и по добивање на два негативни резултати имаат потреба да го продолжат лекувањето, некои се испишуваат и со позитивен брис, практично здрави, иако таквите се многу поретки.
Таа додава и дека поради одредените успеси на лекувањето во светот со конвалесцентна плазма, Институтот за трансфузиона медицина кај нас направи сè за да се овозможи и оваа опција, а има и многу оздравени луѓе кои несебично ја нудат својата помош за болните, поради што подготвени се повеќе дози за апликација.
Исто така Стевановиќ вели дека не постои специфичен лек за лекување на вирусот.
Од досегашните искуства, директорката на Инфективната клиника не согледува некаква поврзаност на полот и ризикот од заболување со ковид – 19, но затоа пак кај возраста има индикации.