Бујар Османи бил повикан како абдоменален хирург за конзилијарно мислење за друг пациент на Инфективната клиника, при што го искористил моментот да го посети сопартиецот Талат Џафери.
-Тој беше дојден за конзилијарен преглед кај друг пациент, па го искористил моментот да го види пациентот – изјави за НОВА директорката на Клиниката Милена Стевановиќ.
Инаку, Џафери од петокот е хоспитализиран на Инфективната клиника со пневмонија, но, како што вели Стевановиќ, тој ги има сите симптоми и класична клиничка слика на Ковид.
-Беше примен со температура, која сега веќе ја нема и со пневмонија. Тој има класична клиничка слика на Ковид, но тестот му е негативен. Ние го лекуваме, односно му даваме терапија за Ковид. Има специфична ренген снимка и други анализи кои укажуваат на Ковид и тоа не смее да се остави така, мора да се лекува – рече Стевановиќ.
Таа додава дека денеска му е направен нов тест на Џафери.
-Ние имаме пациенти со по 3-4 негативни тестови со симптоми на Ковид кои ги лекуваме, а дури последниот тест покажал дека е позитивен. Ќе ја следиме ситуација и здравствената состојба на пациентот – објаснува Стевановиќ.
Османи на социјалните мрежи објави фотографија заедно со Џафери и директорот на Клиниката за торакална хирургија и екс пратеник од ДУИ Неџати Јакупи, при што напиша „Еднаш воин, секогаш воин!“.