Директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, во интервју за Канал 5 рече дека британскиот сој е многу пострашен и, како што посочи, буквално ги брише белите дробови од ренген снимките.
-Добивам по 50 повици на ден од луѓе кои не знам како ме наоѓаат, но ете, успеваат. Невозможно е да ги исполниме желбите на сите оние кои сакаат болничко лекување. Секако дека во различен период е различен текот на болеста. Најтешка причина за смрт е кога ќе ви почине пациент за кој сте биле убедени дека ја поминал кризата. Тоа е најчесто онаа моментална смрт. Како лекари гледаме ренген снимки на кои немате белодробје и се чудите со што овој човек дише. Сме имале полесни пациенти кои не сте успеале да го спасите, но има и такви кои биле со тешка клиничка слика, а потоа сте го испратиле жив дома – вели Стевановиќ.
Таа додава дека ранлива на британскиот сој е и помладата популација.
-Болниците се полни. Специфичен лек нема, но умешност е трпеливото следење на пациентот. Се справуваме со потежок и поопасен вирус, со претходниот имавме поинакво искуство и веќе го научивме, но морам да кажам дека ковид-19 ќе биде сериозен предмет на Инфектологија. Дел од пациентите кои умираат не само што се помлади, туку немаат ни коморбидитети. Секако има и такви кои имаат коморбидитети, но не знаат, па ковид само ќе ја влоши состојбата. Факт е дека пациентите сме ги добиле во исклучително здравствена состојба, има и такви кои доцна доаѓаат. За нас секој изгубен пациент е болка и неуспех – вели Стевановиќ.