Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција, во албанскиот Парламент, Васил Стерјовски, заедно со дел од пратениците од парламентарната опозиција остварија средба со претставник на американската Амбасада во Тирана, во врска со изборната реформа.
На средбата шефот на политичката и економската канцеларија на Амбасадата, Иан Крафорд го запознале со барањата, кои, според нив, мора да бидат вметнати во новата законска изборна регулатива со цел да се гарантира слободното гласање на граѓаните и застапеноста на малцинствата во идниот законодавен дом.
– Побарав поддршка од САД во нашите напори за смена на законодавството и гарантирање на застапеност на малцинствата во албанското Собрание со посебни квоти, како што тоа го има во многу поразвиени земји. Му објаснив дека по падот на тоталитарниот режим припадниците на македонското, како и сите други малцинства се раселени низ целата територија на Албанија поради што со постоечкиот регионален пропорционален систем малцинствата не може да обезбедат пратенички мандат, изјави Стерјовски за МИА по средбата.
Додава дека го нагласил фактот дека сега е момент таа децениска неправда да се надмине, со што ќе им се овозможи на малцинствата нивните претставници најдоследно да ги презентираат потребите и проблемите и да се залагаат за нивно решавање.
И останатите пратеници посочиле пред Крафорд дека она што е договорено од страна на Политичкиот совет за изборни реформи не ги исполнува очекувањата и оти треба во текстот да бидат вклучени и нивните барањата. Тоа се отворени листи, деполитизирана изборна администрација, електронско броење, гласање на дијаспората, загарантирани квоти за малцинствата во Парламентот.