Американскиот Стејт департмент одобри продажба на воени авиони Ф-35, муниција и поврзана опрема на Чешка во договор вреден 5,62 милијарди долари, објави Пентагон.
Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка на Пентагон го извести Конгресот за можната продажба денес. Главни добавувачи ќе бидат „Локхид Мартин“, „Рејтон“ и „Боинг“.
Чешката влада минатата година соопшти дека сака да купи 24 авиони Ф-35 за да ги замени ловците Грипен произведени од шведската компанија Сааб АБ.
Пакетот, одобрен од Стејт департментот, вклучува и резервен мотор, 70 ракети воздух-воздух AIM-120-C-8, разни бомби, резервни делови и техничка поддршка, соопшти Пентагон.
Меѓутоа, одобрението од Стејт департментот не мора да значи дека договорот е потпишан или дека преговорите се завршени.