Владата преземала некои мерки за истражување, гонење и казнување на претставници кои извршиле злоупотреби, вклучително полицајци виновни за употреба на прекумерна сила, но „неказнивоста останува широко распространет проблем“, се наведува во најновиот извештај на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права во 2017 година, а пренесува Радио Слободна Европа.
Најзначајни прашања во однос на човековите права во Македонија се во насока на извештаите за тортура од страна на затворските чувари, мешањето во приватноста, насилството против новинарите, недостаток на независност во судството и насилството против лицата на ЛГБТИ заедницата, се вели во новиот извештај на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права земјава во 2017 година.
Во извештајот, во кој се проучени практиките за почитувањето на човековите права на 200 земји, во однос на Македонија се вели дека на 31 мај минатата година Парламентот избрал нова Влада предводена од СДСМ, со што се ставил крај на неколкумесечниот процес на формирањето на Владата.