Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44 сесија, која се одржува во Фуџу, Народна Република Кина, денеска донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.
-Остануваме впишани на престижната листана УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа, истакна денеска министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска.
Според министерката, Комитетот со оваа одлука го препозна и уважи напредокот на Северна Македонија и Албанија во насока на зачувување и на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.
-Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките кои произлегуваат од реактивните мониторинг мисии и одлуките на Комитетот, порача Стефоска.