Стефковски: Левица лаже, нема да се гради градба каква што тие споменуваат

by fokus

Откако Левица денеска обвини дека во општина Гази Баба, ќе се гради урбанистичко чудовиште од 50.000 квадратни метри – 16 згради со по над 10 ката, на простор поголем од Ист Гејт мол, градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски испрати демант, но без точно да прецизира за каква градба ќе станува збор.

-Политичката партија Левица уште еднаш на дело го докажува своето паушално делување преку одржување на прес конференции без никаква суштина. Токму таква прес конференција е оддржана денес со обвинување дека во Гази Баба ќе се гради “бетонско чудовиште”. Ја информирам јавноста дека ваквите тврдења се лажни и дека во рамки на општината не се води постапка за издавање на одобрение за градење на градба каква што се споменува во наведената прес конференција, вели Стефковски.

Тој додава дека хуманата урбанизација, инфраструктурниот развој и напредокот на општина Гази Баба ќе продолжат и во иднина.

-Нема да дозволам ниту Левица, ниту било кој да го запре развојот на Гази Баба. Денес општината носи детални урбанистички планови во јавни и транспарентни постапки низ дијалог со граѓаните и тоа ќе биде така и во иднина, бидејќи народот ја дава навигацијата на нашето идно постапување. Граѓаните да бидат спокојни. Со заминувањето на СДСМ од општина Гази Баба, заврши носењето на ДУПовите зад затворени врати и во интерес на градежната мафија. Жалам што политичката партија Левица во екот на историски најсилната градежна офанзива која се реализира во рамките на работното лето “Гази Баба 2023”, наместо да ја поздрави реализација на огромниот број нови проекти кои опфаќаат изградба на спортски сали, улици, современи спортски терени, канализациони и водоводни системи, тие одлучија да оддржуваат паушална прес конференција, порача Стефковски.

 

Поврзани новости