Стефанова во организиран, Фетаи, Ристоска, Бубевски, Пеливанов и Ајро во скопското обвинителство

by fokus

Денеска Советот на јавните обвинители треба да расправа за статусот на десеттемина обвинители од СЈО, откако претходно републичкиот обвинител Љубомир Јовески ги презеде предметите од СЈО.

Има две опции. Едната е да се вратат во матичните обвинителства, од каде што дојдоа, а местата им се во мирување, или доколку се почитува Законот за СЈО, ќе се распоредат во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција или во Вишото обвинителство.

Според Законот за СЈО, кој има важност до септември 2020 година, предвидено е обвинителите и останатите вработени да се распоредат на позиции со слични примања, што во случајот за обвинителите би значело позиционирање или во Вишото обвинителство или во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

„По укинување на Јавното обвинителство, јавните обвинители, административниот персонал и истражителите се упатуваат на работа во Јавното обвинителство на позиции со споредливи лични примања“, пишува во член 21 од Законот за СЈО.

Но овој член веќе различно се толкува, па доколку се констатира дека СЈО не е укинато, обвинителите ќе бидат вратени на старите работни места.

Ова би значело дека петмина обвинители ќе се вратат во скопското јавно обвинителство, каде што шефува Сашо Рајчев. Поточно, тоа се обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Ајтан Ајро.

Четворица од обвинителите би се вратиле во внатрешноста, односно Елизабета Јосифовска во Гостивар, Стевче Донев во Кочани, Бурим Рустеми во Куманово, а обвинителот Љубомир Лапе во Куманово или Крива Паланка, каде што беше в.д. шеф.

Единствената обвинителка која би требало да го зајакне тимот на Вилма Русковска, е Лиле Стефанова, која пред да дојде во СЈО, работеше во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што позицијата и е во мирување.

Ова значи дека во рацете на обвинителката Стефанова најлесно можат да се вратат предметите по кои таа постапуваше во СЈО. Во судница таа го застапуваше обвинението за „Титаник“, односно за изборните манипулации на ВМРО-ДПМНЕ, каде што меѓу осомничените се екс премиерот Никола Груевски, како и екс министрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески. Во нејзини раце е и случајот „Траекторија“, за изградбата на автопатите Штип-Миладиновци и Кичево-Охрид, во кој исто така обвинети се Груевски, Јанакиески, но и Владимир Пешевски.

Во нејзини раце може да остане и истрагата за случајот „Империја“, односно од неа нема да куртулат осомничените, Сашо Мијалков, екс директорот на УБК, како и бизнисмените Орце Камчев и Цветан Панделевски.

Овој предмет Стефанова го презеде од редовното обвинителство, каде што со години седел во фиока, а откако добила индиции за сериозен криминал од „бомбите“. Поточно, детали за нелегалната империја откриле разгворите на  Влатко Мијалков, брат на Мијалков, кој бил „таргет“ на нелегалното прислушување, како и Ана Камчева, Миле Јанакиески и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, Кристина Камчева, Ненад Јосифовиќ и други соговорници.

Покрај Стефанова, одредени предмети и понатаму ќе можат да ги застапуваат обвинителите од СЈО, доколку Јовески одлучи да ги делегира токму на нив.

Ваквата пракса не е непозната, туку напротив. На пример, обвинителката Гордана Гешкоска, докрај го застапуваше предметот „Монструм“, иако во текот на судскиот процес од обвинител во Организиран криминал и корупција, стана шеф на скопското јавно обвинителство. Истото може да се случи и со сегашните обвинители во „Монструм“, односно Јовески да одлучи обвинителите Фетаи и Бубевски докрај да го истераат судењето за петкратното убиство кај Смиљковското езеро, бидејќи станува збор за специфичен случај, во кој има и загрозен сведок.

Валентина Вурмо

Поврзани новости