На денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно” обвинителката Лиле Стефанова во воведниот збор го појасни начинот на кој екс премиерот Никола Груевски го купил имотот, меѓу кој и плацевите на Водно, со партиски пари, и како одела шемата за прикривање.
-Кога тогашниот премиер Никола Груевски дознал за земјиштето, а не му се испуштало, влегол во потрага по начин како земјиштето да се купи, да не се запише на негово име, а после мандатот да си гради по веќе изготвениот проект, куќа во барок.
Побарал помош од Сашо Мијалков, тогашен прв човек на УБК и негов прв братучед. Мијалков започнува со помагање, иако знае дека Груевски нелегално се стекнал со 1,2 милиони евра. Тука се вкчучува и Ненад Јосифовиќ кој барал офшор фирма, која ќе може да се јави како купувач. Јосифовиќ, сопственик на ваква фирма во Белизе, ги дава документите, ги носат во канцеларијата Чукич и Марков и ја регистрираат фирмата Сирах инженеринг во Македонија. За управител бил поставен Ристо Новачевски. Немало непроверени лица во оваа работа, само проверени, истакна обвинителката Стефанова.
Таа го појасни и начинот на движењето на парите на Груевски, односно како легнале на сметката на офшор компанијата.
-Новачевски знаел дека ова земјиште се купува за неговиот кумашин со нелегални средства, но сепак потпишал и земјиштето било купено.
Во 2015 почнуваат да се објавуваат “бомби”, за земјиштето кое од шума било направено во градежно земјиште, за што бие изменети и ДУП и ГУП. Груевски за да ги прекрие трагите, со Орце Камчев и Ратка Камчева, се договараат да го префрлат фиктивно на “Орка Холдинг”. Но Камчев не го купува земјиштето, туку уделот во “Сирах” за 1.350.000 евра. Подоцна прават втор договор на 1,5 милиони евра. Сепак, ниту еден денар не се исплатени на наводниот сопственик “Сирах”. Со доказите добиени преку меѓународна помош ќе докажеме дека Орка испраќа пари на Сирах, а од оваа компанија парите одат на офшор компанија во Панама, каде сопственици се Камчев и Јосифовиќ, кои истиот ден се враќаат во Орка. Овој имот и денес е на Груевски, а останатите обвинети до денес го прикриваат овој имот, рече Стефанова.
Таа истакна дека она што е најважно е што на најбезобразен начин се користеле сите институции во државата. Од Министерството за транспорт и врски до банки, истакна обвинителката Стефанова.
-Верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба во обвинението. Барам сите обвинети да бидат прогласени за виновни, и да биде конфискуван имотот, истакна Стефанова.